Фудбалската репрезентација на Македонија загуби со 7:0 од Англија во Манчестер, што е нејзин највисок пораз во историјата.
„Олд трафорд“ или „театарот на соништата“ беше сè само не тоа за „црвено-жолтите“ во третиот натпревар од квалификациите за Европското првенство 2024 во Германија.
Хет-трикот на Букајо Сака, двата гола на Хари Кејн и по едниот на Маркус Рашфорд и на Калвин Филипс ја комплетираа мизеријата на избраниците на селекторот Благоја Милевски по шокантниот пораз од 3:2 против Украина во Скопје – во последните 120 минути примија вкупно 10 погодока!
Дури и најслабата селекција во Европа, Сан Марино, во вечерашните квалификациски средби прими помалку голови (шест против Финска).
Следно големо искушение за македонските фудбалери ќе биде дуелот со Италија на 9 септември на Националната арена „Тодор Проески“, а три дена подоцна ќе ѝ гостуваат на Малта.






