Брнабиќ: Србија ќе добива и 10 пати поевтин руски гас од оној што ќе го плаќа Запад!?

Премиерката на Србија синоќа изјави дека цената на гасот што Србија ќе ја добие со новиот договор со Русија ќе биде и до 10 пати пониска од онаа што ќе ја плаќаат земјите од западот, пренесува Б92.



Ана Брнабиќ го коментираше разговорот меѓу претседателот на Србија, Александар Вучиќ и претседателот на Русија, Владимир Путин и ги осуди шпекулациите кои претходеа на разговорот Путин-Вучиќ.

„Не можеме да одговараме на лаги секој ден. велеа дека Путин нема да разговара со Вучиќ, дека секој следен гасен аранжман ќе биде месец по месец…. се гледа нивото на нервоза, хистерија и фрустрација“, рече Брнабиќ според која „оваа фрустрација е предизвикана од успехот на претседателот“.

Инаку по разговорот со Путин, српскиот претседател информираше дека најважна тема биле билатерални односи, ноо и продолжувањето на договорот за испорака на гас со важност од 10 години кој истекува на 31 мај.

„Му објаснив на Путин дека, благодарение на индустријализацијата на земјата, на Србија ѝ треба повеќе гас, но сепак треба да разговараме за тоа со Гаспром“, додаде тој, додавајќи дека Путин рекол дека ќе го повика ако е потребно.

„Ќе имаме сигурна зима ако реализираме се што договорив со претседателот Путин – истакна Вучиќ – Ако се пресмета, во овој момент (цената) е 3 пати помалку отколку што ќе плаќаат сите други во Европа, а во зима ќе биде 10-12 пати помалку“.