Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ изјави дека Белград нема да ги затвори границите за црногорските граѓани, како што тоа го најави Подгорица за граѓаните на Србија.
Нема да има реципрочни мерки, но таа посочи дека српските граѓани не треба да одат таму каде што се непожелни.
Вчера, црногорскиот премиер Душко Марковиќ објави дека Црна Гора ќе ги отвори своите граници за земји со помалку од 25 заразени лица на 100.000 жители, вклучувајќи ги и Хрватска, Словенија, Австрија, Германија, Унгарија, Албанија и Грција.
„Овој став на црногорскиот премиер им испрати јасна порака на граѓаните. Би ги замолила граѓаните да останат во нашата Србија што е можно подолго и во поголем број и да не одат некаде каде што се непожелни“, рече Брнабиќ во изјава за „Пинк“.
Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, за „Блиц“ изјави дека потегот на црногорските власти за затворање на границата кон српските граѓани е „смешен и бесмислен чин“ и рече дека овој потег е штетен за Црна Гора.





