Британската полиција го казни премиерот Риши Сунак во петокот затоа што не го ставил безбедносниот појас додека снимал клип на социјалните мрежи, а седел на задното седиште од автомобил во движење, јави Ројтерс.



Полицијата од Ланкашир соопшти дека издала казна на 42-годишен маж од Лондон со условна понуда за фиксна казна.

Патниците во автомобил фатени без појас можат да бидат казнети со 100 фунти, а ако случајот дојде до суд, казната може да дојде до 500 фунти.

Портпаролот на Даунинг стрит во петокот рече дека британскиот лидер „секако ќе се согласи“ со казната.

„Премиерот целосно прифаќа дека ова е грешка“, додаде портпаролот.

Портпаролот на Сунак претходно изјави во четвртокот дека Сунак се извини за „грешка во проценката“ додека снимаше видео на Инстаграм во северна Англија и ги повика луѓето да го носат појасот.