Том Лајнс, британски експерт по меѓународен бизнис и економија, реагира за користењето знаменце наместо името на државата во објавата на Твитер од евроамбасадорот во Македонија, Самуел Жбогар, поддржувајќи го во критиката за тоа поранешниот македонски почесен конзул во САД, Џејсон Мико.
„Секогаш и само Македонија. Сосема се согласувам. Како се осмелува ЕУ да принуди мала, неофанзивна копнена земја да го смени своето историско име, како и нејзиното знаме, само затоа што надуен, арогантен сосед не ги сака?“, прашува известувачот на новинската агенција Ројтерс и на други медиуми за теми од банкарството.

Своето несогласување со наметнотото име на македонската држава по пропаднатиот референдум од 30 септември 2018 година економистот, кој има предавано плуралистичка економија и политичка економија на Универзитетот во Лондон, а претходно бил предавач по меѓународен бизнис на Универзитетот во Единбург, го изрази и во април минатата година.
„Македонија, молам. Тоа е името што таа земја си го избра за себе, поддржано и на национален референдум неодамна. Секоја друга верзија на името е резултат на неприфатливото грчко малтретирање“, твитна тогаш Лајнс.






