Британски доверливи мејлови по грешка испратени до руски сојузник

Министерството за одбрана на Обединетото Кралство започна истрага откако, поради печатна грешка, официјални лица испратиле мејлови со доверливи информации на близок сојузник на Москва, јави Гардијан.



Во Мали се испратени „мал број“ мејлови наменети за Пентагон поради случајно пропуштање на буквата „i“ од адресата на електронската пошта.

Британските власти ги испратија пораките на адреса што завршува на .ml, доменот на западноафриканската земја, наместо на .mil, што е домен на американската војска.

Минатата недела, истата „печатна грешка“ беше откриена во САД, што предизвика милиони воени мејлови да бидат адресирани до Мали.

Мали беше меѓу шесте африкански земји на кои рускиот претседател Владимир Путин вети бесплатни резерви на жито, откако пропадна договорот за извоз на украинско жито преку Црното Море.

Платениците „Вагнер“ исто така се распоредени во Мали за да се борат заедно со армијата против џихадистите.