Владата на Велика Британија ја отфрли сугестијата од Комитетот за надворешни работи на Горниот дом на Парламентот, Домот на лордовите, дека пристапувањето на Македонија во НАТО треба да биде поддржано дури и без претходен договор со Грција во врска со долготрајниот проблем со името.
Комитетот објави извештај во јануари во кој побара пристапот на Велика Британија да се прилагоди во однос на амбициите на земјите од Западен Балкан за членство во ЕУ и во НАТО.
Во својот одговор, Владата вели: „Се согласуваме дека, откако Босна и Херцеговина и Македонија (sic) ќе ги исполни условите за членство во НАТО, нивното присоединување ќе биде добредојден исчекор кон поголема стабилност на Балканот“.
Но, притоа се додава и дека „Владата ќе продолжи да ги поддржува напорите на Атина и на Скопје за решавање на прашањето за името, кое на Македонија ѝ нуди пат кон членство во НАТО. Решението би донело многу други значајни придобивки за Македонија и за Грција“.
Лондон ги поздравува напорите на Македонија за подобрување на независноста на државните институции, за владеењето на правото и за демократската отчетност.
„Владата ја охрабрува Македонија да продолжи со напредокот во овие области во пресрет на каква и да е покана за членство во НАТО“, се додава во реакцијата на Владата објавена на крајот на март.
Владата на Обединетото кралство ја повторува својата поддршка за македонското Министерство за одбрана во врска со плановите за реформи и за стремежот да се зголемат трошоците за одбраната до минимумот очекуван од членките на НАТО.
Во владиниот одговор на сугестиите од лордовите уште се вели: „Нашата посветеност кон евроатлантската иднина на регионот може да се види преку нашата одлука да бидеме домаќини на Самитот на земјите од Западен Балкан во јули, како дел од Берлинскиот процес, кој има цел да го поддржи стремежот за проширувањето на ЕУ во регионот. Шест нови иницијативи на Европска комисија се совпаѓаат тесно со нашите сопствени приоритети за лондонскиот Самит 2018“.




