Британска медицинска сестра која се опишува себеси како „ужасна и злобна личност“ е прогласена за виновна за убиство на седум новородени бебиња и обид за убиство на шест други во неонаталното одделение на болницата каде што работела.



Станува збор за 33-годишната Луси Летби, на која ѝ се суди за убиство на пет момчиња и две девојчиња во болницата „Грофица од Честер“.

Обвинението вклучува и неколку други обиди за убиство врз новороденчиња кои се случиле додека Летби била на ноќна смена во 2015 и 2016 година.

Локалните медиуми ја прогласија Луси Летби за најефективниот сериски убиец на деца во модерната историја, објави Ројтерс.

Имаше уште шест случаи за напад на доенчиња , но по 110 часа размислување, поротниците не можеа да се договорат дали медицинската сестра е одговорна и за тие.

„Ние сме со скршено срце, но во исто време лути затоа што не знаеме како би можеле да се случат вакви работи и можеби никогаш нема да дознаеме“, се вели во соопштението на семејствата на жртвите на Летби.

Според обвинителството, Летби отрула некои од своите млади жртви вбризгувајќи им инсулин, на други им инјектирала воздух, а трети присилно ги хранела сомлеко.

„Ги убив намерно затоа што не сум доволно добро да се грижам за нив“, беше рачно напишано на белешката што ја пронашла полицијата која го претресувала домот на Летсби. На друга белешка, таа напиша: „Јас сум ужасно злобна личност“.

Нејзината најмлада жртва имала само еден ден.

Во понеделник судот ќе донесе одлука за случајот со медицинската сестра Летби, а таа најверојатно ќе се соочи со доживотна казна затвор.