Повеќе од 1,1 милион потписи за само еден ден собра онлајн петицијата против одлуката на британскот премиер Борис Џонсон за суспензија на работата на Парламентот одобрена и од кралицата Елизабета Втора.
Со овој маневар, премиерот Борис Џонсон, смета дека на овој начин полесно ќе го спроведе излегувањето на Велика Британија од ЕУ (Брегзит) до крајниот рок на 31 октомври.
Парламентот ќе биде суспендиран до 14 октомври, кога кралицата ќе го одржи својот традиционален говор, па на пратениците ќе им остане малку време да изгласаат закони со кои би се спречило излегувањето на Британија од ЕУ без договор.
Во Британија секоја потпишана петиција од 100.000 луѓе треба да резилтира со дебата во Парламентот за прашањето за кое се однесува.
Џонсон побара од кралицата Елизабета Втора да бидат прекинати седниците на пратениците од почетокот на септември до средината на октомври, што кралицата го одобри.
Критичарите го опишаа потегот како недемократски обид да се спречат пратениците да го блокираат напуштањето на ЕУ без договор.
Демонстрантите, кои синоќа мирно се собраа пред канцеларијата на премиерот на „Даунинг стриит“, ја нарекоа одлуката – „пуч“.
Според Би-Би-Си, ова е првпат од 1948 година да биде суспендиран британскиот парламент. Кралицата имаше можност да го одбие барањето на Џонсон, но тоа би се сметало за уште поголем преседан, бидејќи таа нема вистинска политичка моќ и право да се меша во политиката на земјата.





