Евроамбасадорот Дејвид Гир денеска изјави дека Европската Унија наскоро треба да излезе со став во врска со измените на Кривичниот законик, кои предизвикаа лавина реакции во јавноста, како во однос на нивната содржина така и околу самата процедура при нивното донесување по скратена постапка (со европско знаменце).

Идентичен беше и неговиот одговор на прашањето како ја коментира самата процедура, односно носењето на измените со „европско знаменце“.
„И двете прашања верувам дека ќе бидат одговорени од Брисел во скоро време“,
рече евроамбасадорот, кој денеска учествуваше на регионалниот форум на тема: „Родова еднаквост во пристапните процеси во ЕУ“.
Измените на Кривичниот законик, кои Владата „тајно“ ги утврди и Собранието експресно ги донесе по скратена постапка (со европско знаменце), а претседателот Стево Пендаровски ги потпиша, се објавени во „Службен весник“ со датум 7 септември 2023.
Измените се однесуваат на 38 члена од Кривичниот законик, за кои власта рече дека 35 се за усогласување со директивите на ЕУ.
Она што предизвика бура негативни реакции во јавноста е што измените опфатија промена на членовите кои се однесуваа на злоупотреба на службената положба и овластувања (член 353) и злосторничкото здружување (член 394).
Со изгласувањето, пратениците ги намалија пропишаните казни за двете кривични дела, воведоа горна граница на максималната казна, а и укинаа еден став од членот за злоупотреба на службената положба и овластувања. Со тоа предвидоа и порано застарување на делата.
Измените на Кривичниот законик, како што е предвидено, ќе стапат на сила на осмиот ден од објавувањето во „Службен весник“. За повеќето членови е наведено дека ќе почнат да се применуваат шест месеци по стапувањето во сила, но тоа не се однесува и на измените на делата за злоупотреба на службената положба и овластувања што значи дека тие ќе почнат да важат за помалку од една недела отсега.





