Борис Џонсон плати казна за забава во локдаун – одби да даде оставка

Британскиот премиер Борис Џонсон, неговата сопруга Кери Џонсон и министерот за финансии Риши Сунак беа казнети од лондонската полиција за средбите на „Даунинг стрит“ за време на карантинот. Сепак, Џонсон одби да поднесе оставка, објави Би-Би-Си.



Казната на сите тројца им е изречена за учество на роденденската забава на премиерот на 19.06.2020 година. Џонсон потврди дека ја платил казната. Сунак подоцна го направи истото. Сите тројца длабоко се извинија, но ниту Џонсон ниту Сунак не понудија оставка, како што бараа сите опозициски партии.

Опозицијата повика и на итно свикување на парламентот, чии пратеници се на велигденски одмор, за да се разговара за тоа што се случило. Групата на ужалени семејства, која изгуби најблиски за време на пандемијата, рече дека „едноставно нема начин Џонсон и Сунак да продолжат да владеат“ и ги нарече нивните постапки „апсолутно бесрамни“.

Потсетуваме, Борис Џонсон е првиот британски премиер кој е казнет поради кршење на законот.

Вкупно, полицијата изрече повеќе од 50 казни за таканаречениот скандал Партигејт, истражувајќи 12 собири на Даунинг стрит и други владини згради за време на заклучувањето.