Бразил во солзи, Хрватска на пенали до трето мундијалско полуфинале!

Бразилците беа поблиску до полуфиналето на Светското фудбалско првенство во Катар, откако Нејмар донесе водство на истекот од првото продолжение од 15 минути, но Петковиќ во 117. минута ја одведе Хрватска во пенал-серијата, која светскиот вицешампион повторно го испрати меѓу четирите најдобри селекции во светот!



Нејмар се израмни со легендарниот Пеле со својот 77. гол за „кариоките“, но во солзи ја проследи радоста на Хрватите, чии сите четворица пеналџии (Влашиќ, Маер, Модриќ и Оршиќ) беа непогрешливи, за разлика од Родриго во првата серија удари од белата точка и Маркињос во четвртата. Ливаковиќ му одбрани на првиот бразилски изведувач, а последниот го погоди дирекот.

„Коцкестите“ го добија пенал-рулетот со 4:2 (Касемиро и Педро беа прецизни за „селесао“), откако натпреварот во основниот дел заврши без голови, а во своето трето планетарно полуфинале за противник ќе го имаат подобриот од вечерашниот дуел меѓу Аргентина и Холандија.