Погребот на легендата на светскиот фудбал Пеле ќе се одржи утре во Сао Паоло.
Најголемиот фудбалер во историјата, почина на 82-годишна возраст на 29 декември.
По неговата смрт, беше прогласена тридневна жалост во земјата.
Пред погребот телото на Пеле денеска ќе биде пренесено од болницата Алберт Ајнштајн, каде што почина, на стадионот Сантос, клубот во кој Бразилецот помина голем дел од кариерата.
Ковчегот ќе биде поставен во центарот на теренот на стадионот „Вила Белмиро“ и ќе остане таму во следните 24 часа за да можат сите навивачи на кралот на фудбалот да се простат од него.

Утре во 10 часот по локално време, ковчегот ќе биде пренесен на погреб во тесен семеен круг, кој ќе се одржи во паркот на вертикалните гробишта Некропола Екуменика.
Пеле лично купил парцела на гробиштата пред речиси 20 години, избирајќи место на деветтиот кат затоа што неговиот татко Дондињо играл со бројот 9, објави локалниот медиум „О Глобо“.
Едсон Арантес до Насименто – Пеле е роден на 23 октомври 1940 година.
Професионалната кариера ја започна на 15 години во Сантос, а една година подоцна дебитираше за бразилската репрезентација.
Учествуваше на четири Светски првенства, освојувајќи три од нив – во 1958, 1962 и 1970 година, а го делеше и најдобриот стрелец со 77 гола на 92 натпревари.
За Сантос, тој постигна 643 гола на 659 натпревари, водејќи го клубот до трофеите на Копа Либертадорес и Интерконтиненталниот куп во 1962 и 1963 година.
Во 1975 година, тој потпиша договор со „Њујорк Космос“, каде што го освои Суперболот во 1977 година.






