Сценаристот Божидар Божиновски алијас Мр Моџо Килингтон со свое видување на чинот на македонскиот пејач Ламбе Алабаковски и на реакциите во јавноста.
„Со секое зовривање на страстите со Бугарија се отвора иста тема – македонски национализам. Нормално, бидејќи осудата на македонскиот национализам не повлекува никакви реални последици, за разлика од осудата на албанскиот, бугарскиот или српскиот национализам. И да не се разбереме погрешно, сите тие национализми се грешка. Ова што ни се случува е некој ‘национализам во самоодбрана’, инстинктивно е секој организам да има механизми на самоодбрана. Ние не бараме ништо од Бугарија, ни нивна историја, ни нивен јазик, ни па територија. Тие го бараат тоа од нас и нормално е да се браниме. Дури сме и меки.
Ова морам да го кажам лично бидејќи не знам како друго, можам да прочитам туѓи ставови и мислења, но не и чувства, ставовите и мислењата некогаш не ги одразуваат чувствата. Се сметам за комунист и поважна ми е класната отколку националната разлика. Можевме добро да живееме и со сиромашни Грци, Бугари, Албанци, Срби, без да се делиме, да не беа политичарите, на кои им одговараат овие поделби. Најголем дел од населението на Балканот живее слично – скромно, во долгови, без некоја надеж за иднината. Затоа нѐ занимаваат со вакви финти додека нѐ крадат. А нѐ крадат и овде, и во Бугарија.
Да се вратиме на чувствата. Самата власт овде кај многу луѓе ги разбуди тие чувства на национализам. Она што не успеа Груевски преку бронзи и пропаганда, успеа СДСМ, иако тоа не им беше намера. И добро е што успеа, можеби конечно ќе почнеме да не се сметаме себеси за последна дупка на светот и да кренеме малку глава дека од нас нешто зависи. Колку повеќе те притискаат до ѕид, толку повеќе покажуваш заби“, коментира Божиновски на Фејсбук.





