Божиновски: Со уцените кон Македонија, Бугарија ги крши принципите на ЕУ и меѓународното право

„Некои меѓународноправни експерти отворија споредбени паралели, поставувајќи ги руско-украинскиот спор од една страна и македонско-бугарскиот спор од друга страна. Дали навистина постои заеднички именител?“ – вели Јасминка Павловска во својата анализа со наслов „Принципите на меѓународното право како единствена основа за заеднички именител“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.



Има ли паралела на руско-украинскиот и македонско-бугарскиот конфликт?“

„Украина го повика највисокиот суд на Обединетите нации, Меѓународниот суд на правдата, да ѝ наложи на Русија да ја запре инвазијата. Киев тврди дека Москва погрешно ги толкува меѓународното право и Конвенцијата за геноцид, врз чија основа Русија ја оправдува својата ‘специјална операција’. Аргументите за апелацијата на Украина беа разгледувани пред Судот во Хаг, во понеделникот, на 7 март. Некои меѓународноправни експерти отворија споредбени паралели, поставувајќи ги руско-украинскиот спор од една страна и македонско-бугарскиот спор од друга страна.“

„ЕУ не сака да се прават споредби на македонската приказна, исполнета со услови и уцени од земјите-членки, што ги злоупотребуваат европските вредности и меѓународното право), со препознаени елементи во актуелниот руско-украински конфликт. Евроамбасадорот во Македонија, Дејвид Гир, е убеден дека се работи за две крајно различни ситуации. ‘Ја отфрлам целосно оваа паралела. Во Украина гледаме градови што се бомбардирани од руската армија. Има лидер, што вели дека Украина не е држава. Имаме воена агресија од Русија против суверена држава, чиј територијален интегритет е доведен во прашање.’ – кажа Гир.“

„Македонските експерти сметаат дека не може вака остро да се отфрлат споредбите кога се толку очигледни. ‘Кога станува збор за споредбите на условите што ги поставува посилната страна, како во руско-украинскиот, така и во македонско-бугарскиот случај, отфрлањето на европретставниците не може да ги промени фактите на очигледна сличност. Секако, не може да се одрече драстичната разлика што во руско-украинскиот случај изнудувањето за исполнување на тие услови се прави со воени дејства. Но експанзионистичката агресија, сепак, е доминантно присутна од страна на Бугарија во македонско-бугарскиот случај. Бугарија е земја-членка на ЕУ, која со уцените спрема Македонија ги прекршува принципите на Унијата и на меѓународното право.’ – вели политичкиот аналитичар Владимир Божиновски.“

„Професорката по меѓународни преговори и посредување Ида Мантон смета дека претставниците на ЕУ треба да соберат храброст да ги одбијат бугарските барања, за да покажат конзистентност со европските вредности и Копенхагенските критериуми.“

Интернет-врска до целата анализа:

https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/principite-na-megjunarodnoto-pravo-kako-edinstven-rakurs-za-zaednichki-imenitel/