Писателот и сценарист Божидар Божиновски со серија коментари на Фејсбук реагира за саботниот „хепенинг“ во Битола, кога висока бугарска делегација, на чело со премиерот Кирил Петков, го отвори клубот на Бугари именуван по фашистичкиот соработник Ванчо Михајлов.
„Национализам било да си против фашизмот. Додека цела бугарска политичка сцена, од Каракачанов до оној со гел на косата од Харвард, имаат ист став дека не постоиме. Ако сакате да не постоиме, ќе треба да нѐ уништите до еден“, коментира Божиновски, кој добил закани по живот од навивачите на бугарскиот фудбалски клуб Левски.
„Премногу скапо е платена оваа слобода за да нѐ снема во тишина… Колку и да се надеваат фашистите и домашната петта колона, разни платени и искрено глупи – нема да нѐ снема“, порачува тој.
„Ако бугарската фашистичка игротека не добила дозвола за користење на името на тоа фашистичко копито, а пак го отвориле, тогаш е легитимно да се затвори. Дали институциите ќе го почитуваат законот, останува да видиме“, додава Божиновски во друга објава.
„Лесно е денес да си антифашист. За да ни е денес лесно, животот го дадоа илјадници партизани во борбата против фашизмот и нацизмот. Некои од нив паднаа и ко деца, ни 18 години, борејќи се на вистинската страна. И денес, која и да е цената, не смееме да оставиме да се плукне на нивните жртви. Слободата која денес ја живееме не е подарена, извојувана е“, заклучува Божиновски.






