Сценаристот и писател Божидар Божиновски го коментира резултатот од истражувањето според кое девет од десет млади луѓе во Македонија би се отселиле.
„’90 отсто од младите сакаат да се отселат од Македонија’.
Некои велат дека ова е поразително, но воопшто не е. Значи, имаме паметна младина која гледа колку е часот, дека државичево и општеството се плодно тло само за криминалци и полтрони, дека корупцијата е навлезена од Владата до најниските локални ограноци на институциите, дека оние кои нѐ владеат веќе го имаат целиот капитал кај себе и не е ни важно веќе кој е на власт, власта се менува – олигарсите не можеш да ги смениш.
Сфаќаат дека овде убиваат воздухот, храната, почвата, водата, лажните дипломи, неправдите, не сакаат да си го фрлат цел живот во борби со ветерници, со партиски глувци, кои се побројни и знаат само да глодаат буџети, да глодаат надеж, да ги глодаат оние на кои не им се живее во нивната партиска канализација, која за такви глувци е рај.
Властите ги продадоа и иднината, и минатото, и сегашноста, ги продадоа и младите, ја убија и надежта дека може да е подобро.
Паметни се младите, за жал, ним ќе им се радуваат Германија, Америка, Малта, Австралија…“, констатира влијателниот и духовит „коментатор“ на актуелни теми на Фејсбук.





