Божидар Димитров против „Илинденска Македонија“, предлага „Илирија“?!

Името „Илинденска Македонија“ за западниот сосед не е соодветно, бидејќи не ја одразува историската природа на земјите што бараат име, смета бугарскиот историчар Божидар Димитров.



„Илинден е востание што избувнало на 2 август, но само во еден од седумте револуционерни окрузи. Во принцип, на 4 јануари 1903 година е одлучено ова востание да избувне во период од две недели во секој од седумте револуционерни окрузи на ВМРО. Востанието во седмиот револуционерен округ избувнува на 19 август, како што ви е познато, во Странџа и во Горноџумајско (Благоевград – н.з.) избувнува на 1 септември. Што ќе правиме со овие области? Дали ќе ги оставиме надвор од историјата?“, прашува тој во интервјуто за бугарски „Фокус“.

Димитров нагласува дека востание избувнало и во скопско, но таму не било масовно, туку со чети и така било решено, според него, поради огромниот број муслиманско население, не само турско, туку и албанско.

Тој е уверен дека Грците нема да се согласат со името „Илинденска Македонија“, бидејќи еден од најактивните делови на востанието бил во леринско и во костурско.

„Таму населението востанува најмасовно, се водат најтешките битки и се дадени најтешките жртви. Потоа иселувањето во Бугарија, Канада и САД е најголемо. Затоа, не треба да биде Илинден. Грците, едноставно, нема да се согласат, јас сум сигурен за тоа. Леринско и костурско се сега во Грција. Повторно индикации кон одредени региони на Грција“, објаснува долгогодишниот директор на Национален историски музеј во Софија.

Контроверзниот историчар не ја пропушта ни оваа можност да им кумува на „браќата“ од другата страна на границата, па по „Југозападна Бугарија“ сега „сериозно“ им предлага државата да си ја наречат „Илирија“. Притоа, објаснува дека Илирија во антиката била огромна територија што го опфаќала целиот Западен Балкан, како и Хрватска и Словенија.

„Во 16. век, кога овие народи почнаа да се прашуваат што да прават по ослободувањето од турската и од австриската доминација, тие одлучија дека се потомци на Илирите кои живеат таму, подигајќи ја т.н. илирска идеја. Таа е обединување на сите народи во една држава наречена Илирија. На тоа работат Хрвати, како Рафаел Леваковиќ, како и Бугари, како Петар Богдан и Петар Парчевиќ“, додава тој.

„Кога Кипар стекна независност, си го доби тоа име, но луѓето што живеат таму се Грци и се нарекуваат така. Затоа, не е важно името, туку суштината на населението кое живее таму. Истото важи и за Австрија – таа се нарекува Австрија, но во неа живеат Германци. Истото е и со Молдавија, каде што 4,5 милиони луѓе се Романци. Токму поради тоа, ние се согласуваме со името Македонија. Не е важно како ќе се нарекува државата, туку какви ќе бидат суштината на населението и неговиот национален идентитет. Десет проценти од Македонците се веќе Бугари, дури и според пасошите. Тоа е убаво, тие ќе стануваат сè повеќе и повеќе“, заклучува Димитров.