„Исуф Чела, пратеникот – демократ од Тропоја, од Албанија, вчера од говорницата на албанскиот парламент предупреди дека оваа општина може да побара одржување референдум да се обедини со Косово.“ – објави косовскиот весник на албански јазик „Бота сот“ во својата информација под наслов „Пратеникот од Тропоја: зошто може да побараме референдум, за да се обединиме со Косово?“
„Пратеникот Чела рече дека не може да се толерира тоа што Тропоја има проблеми со снабдување со вода и електрична енергија. ‘Оставена во заборав, бедна, без грижа од државата и без економски инвестиции, Тропоја нема друг пат освен да се надева дека албанската држава ќе и ги врати укинатите државни органи и институции за вршење судски и други услуги. Или Тропоја да размисли сериозно да побара референдум за обединување со Косово, бидејќи барем таму на жителите од оваа општина им се реализираат главните услуги.’ – изнесе во својата реч Чела на денешната парламентарна седница на албанскиот парламент“ – напиша „Бота сот“.
Ова е веројатно првпат преку изјава на свој официјален претставник во парламентот еден дел од албанската држава да предупреди на можност за одржување референдум заради индивидуално припојување како општина кон соседното Косово. Оваа најава доаѓа откако пред пет дена албанскиот премиер Еди Рама во емисијата „Слободна зона“ на ТВ Клан изјави дека целта на неговата политичка кариера е „да ја обедини Албанија со Косово“. Рама кажа: „Дали треба да бидам претседател на Албанија и Косово? Ова не е во моите планови. Но, обединувањето на Албанија со Косово, да. Тоа е стремежот”.
Од Косово доаѓаат уште поинтензивни најави дека цел на неговата политика е обединување со Албанија. На 19.1.2021 година информативниот портал „Kallxo“ ја пренесе најавата на лидерот на Алијансата за иднината на Косово Рамуш Харадинај дека „во 2025 година ќе се одржи референдум за обединување на Косово со Албанија.“
Меѓутоа, Љуљзим Пеци, магистер по меѓународни односи и истражувач – основач на Косовскиот институт за истражување и развој на политиката од Приштина, И д-р Агон Демјаха, професор по политички науки и меѓународни односи на државниот Универзитет и на Штуловиот универзитет во Тетово, во својата студија под наслов „Разградување на идејата за обединување: иднината на односите меѓу Косово и Албанија“ од 2020 година аргументираат дека „идејата за обединување на Албанија и Косово е неизведлива и таа може да се претвори во глупава авантура, предодредена да пропадне“: „Во сегашните меѓународни околности обединувањето на Косово и Албанија со меѓународна поддршка не е можно. Ако Косово и Албанија тргнат кон обединување еднострано, или кон спојување во нова заедничка држава, тоа ќе има сериозни последици за двете земји. Особено ќе биде фатално за државноста на Косово и неговиот територијален интегритет. Правниот статус на обединетата ‘држава’ нема да биде признаен од меѓународната заедница. Ова ќе доведе до самоизолација на Албанија. Движењата за обединување ќе ги доведат во прашање стабилноста и постоењето на двете држави, претворајќи го ова во глупава авантура, предодредена да пропадне.“
Извор: https://www.botasot.info/aktuale-lajme/1685683/deputeti-i-tropojes-pse-mund-te-kerkojme-referendum-per-tu-bashkuar-me-kosoven/?fbclid=IwAR3-lX1jBWYRJrUywR4774l1rXaqqrubC3DzuECROcY4RzDwvCP_NivP6Mo





