Лидерот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети и натаму е цел на остри критики и напади врз него, не само поради неговата заложба за помирување меѓу албанскиот и српскиот народ, туку и со оглед на неговата поддршка на албанскиот премиер Еди Рама и на „Отворениот Балкан“, кој како проект се смета дека е спротивен на интересите на Албанците на Балканот и особено за Косово.
Косовскиот весник на албански јазик „Бота сот“ објави статија под наслов „Срамно: остри критики поради барањето на Али Ахмети за албанско – српското помирување, тој ги поддржува и барањата на Еди Рама“, во која пренесува изјави на двајца Албанци – политички аналитичари, кои заложбата на Ахмети за албанско – српско помирување ја оценуваат како „срамна“ и кои, дури, сметаат дека лидерот на „интегративците“ на тој начин “фрлил во вода се што сторил во својот живот во рамки на УЧК и на Косово за неговото ослободување од Србите“.
„Бота сот“ пишува: „Претседателот на ДУИ Али Ахмети го оцени како многу важен проектот на ‘Отворениот Балкан’, верувајќи дека овој процес ги приближува земјите на Балканот со Европската Унија. Говорејќи и за недоразбирањата на Косово со Србија, Ахмети кажа дека е потребно помирување меѓу албанскиот народ и српскиот народ. Изјавата дека е потребно помирување меѓу Албанците и Србите предизвика остри реакции, имајќи ги предвид минатото на Албанците на Косово и злосторствата, кои ги изврши српската држава врз него. Аналитичарите за ‘Бота сот’ оваа изјава на Ахмети ја оквалификуваат како срамна.“
„Бота сот“ ги пренесува ставовите на политичкиот аналитичар и професор Сулејман Мехази, според кого, „барањето на Али Ахмети за помирување меѓу Албанците и Србите е срамно и несфатливо“: „Ќе беше логично да бараше некој друг помирување на Албанците со Србите, како, на пример, Еди Рама. Но, но никако не му личи на Али Ахмети да го бара тоа, бидејќи тој уште од 1980 година дејствувал против Србите и против Југославија.“
Ахмети го „фрла во вода“ својот „воен капитал“, што го спечалил, борејќи се за УЧК и за Косово – тврди Мехази: „Помирувањето со Србите на Вучиќ значи предавање на Косово, негово ставање во рамки на српскиот устав. Али Ахмети знае, но ќе го потсетиме дека Албанците во текот на изминатите стотина години веќе се имале помирувано со Србите, но, тие никогаш не се помириле со Албанците. Барањето на Ахмети за таквото помирување ги фрла во вода и сите негови животни напори за ослободување на Косово од Србија. Многу логично би било Ахмети да побара признавање на Косово од Србија.“
Овој аналитичар упати тешки обвинувања и прашања до претседателот на ДУИ: „Зошто Ахмети не ги покани Еди Рама и Албин Курти на национално братско помирување, туку ги кани поделените Албанци да се помират со обединетите Срби? Дали е со Косово, кое Вучиќ не го признава, дали е другарите и мачениците од војната на УЧК, или е со Србија на Вучиќ, која никогаш нема да се помири со Косово? Србија ќе не изеде живи, а Али Ахмети бара помирување со Србија! Како е можно барање за такво помирување да излезе од устата на претседателот на ДУИ Али Ахмети? Не, Ахмети, за Албанците би била подобра одмаздата отколку помирувањето со српските злосторства сторени во Косово.“
Ислам Красниќи, вториот политички аналитичар, за „Бота сот“ вели: „Вистина е дека треба да има помирување меѓу двата народа, кои имаат меѓу себе вековно непријателство. Разбирлива е изјавата на лидерот на ДУИ Ахмети, но, постојат неколку услови пред да дојде до помирување: барање прошка, враќање на исчезнатите, надоместување поради штетите предизвикани за време на војната и оддалечување на српската политика од фашистичкиот, од криминалниот менталитет. Не само Ахмети, туку и меѓународната заедница да се обиде да најде заеднички јазик, за да ги помири двата народа, такво нешто не е можно. Нивното непријателство нема граници.“
Извор: https://www.botasot.info/politika-lajme/1660513/e-turpshme-kritikohet-ashper-kerkesa-e-ali-ahmetit-po-i-perkrahe-politikat-e-rames/





