„Бота сот“: Може да се случи судир меѓу Албанците од Косово и Србите и да се прошири на сиот Балкан, вклучувајќи ја и * Македонија

„Експертите предупредуваат дека постои реален потенцијал да избувне конфликт на Косово и да го опфати сиот Западен Балкан!“ – пишува влијателниот косовски весник на албански јазик „Бота сот“ во својата политичка анализа.

Покрај другото, „Бота сот“ пишува: Пратеникот на Вашингтон за Западен Балкан Габриел Ескобар, на 20 јуни рече дека напнатоста меѓу Косово и Србија „може да се претвори во регионален судир“. „Многу сум загрижен. Ова има потенцијал да се претвори во регионален судир.“ – кажа Ескобар.

Безбедносниот експерт Дризан Шала вели дека ситуацијата на северот на Косово има потенцијал да се разгори, со оглед на нерешените прашања на Западниот Балкан како: во Босна, Црна Гора и т.н.

„Ситуацијата на северот на земјата има реален потенцијал прашањето целосно да го зафати Западниот Балкан. Затоа што ако имаме само една жртва на северот, од едната или од другата страна, тогаш огнот би се разгорел и никој не знае како би завршил. Има многу нерешени прашања во регионот на Западниот Балкан: што се однесува до Република Српска во Босна, потоа неформирањето Влада во Црна Гора – влијанието на просрпските и проруските субјекти, па и ситуацијата во * Македонија со Бугарија и албанските субјекти таму… Ситуацијата може да го опфати сиот Балкан.“ – укажува Дризан Шала.

Според него, Владата на Косово треба да се координира со САД за да се спречи оваа тензија, додавајќи дека може да ескалира на 28 јуни, на денот на Видовден. „Владата треба да се вразуми и нејзините постапки да бидат во координација со Белата куќа, со САД и да не се дозволи прашањата да се префрлат на одлучување во потесна група блиска до премиерот на Косово. Ситуацијата може да ескалира на 28 јуни, на Видовден, ако се одржи внатре на територијата на Косово.“ – смета Дризан Шала.

Аналитичарот Реџеп Елезај истакнува дека „не може да се исклучи можноста овој гордиев јазол да се разреши преку војна“. „Северот на Косово треба да биде ставен под целосна команда на силите на КФОР, каде што ќе бидат исклучени сите други безбедносни сили, вклучително и косовската полиција.“ – нагласува Елезај.