Новинарот Борјан Јовановски смета дека на македонските граѓани ќе им треба време за да се навикнат на новото име на државата, но тој е оптимист во тој поглед, бидејќи тоа одразувало географска реалност.



„Тешко е да се каже дека баш сме навикнале на тоа име. Ново е и уште не е официјално, така што сè уште официјално не сме преименувани. Ќе треба време, веројатно, да се навикнеме и на ова ново име. Но, кога е веќе прашањето до тоа, сметам дека одразува една географска реалност и со оглед на тоа мислам дека ќе се прилагодиме на една таква географска реалност“, изјави тој во интервју за Бугарска национална телевизија (БНТ).

„Навистина беше тешко да се дојде до ова. Разбирливо е тоа дека никој не е среќен со овој компромис со Грција. Станува збор за една доста емоционална ситуација, бидејќи, сепак, некоја друга земја ви наложува да го промените името“, додаде новинарот близок до сегашната власт, според кој „вистинското тешко“ допрва претстои, бидејќи „28 години во Македонија не се направени никакви реформи“.