При отпуштањето од болница, денеска, каде беше опериран по повреда на коленото, Бојко Борисов предизвика паника кај своите политички противници изјавувајќи дека ќе се кандидира за претседател.
Бугарскиот премиер во оставка, сепак на својот профил на Фејсбук соопшти дека нема да се кандидира за претседател на земјата.
„Не, јас нема да се кандидирам за претседател! Ако го остават Радев да се бори на политичката сцена место нив, ние сме подготвени да бидеме категорични опоненти на овој кабинет на задкулисието и да се сретнеме на новите избори, кога и да се тие!”, напиша Борисов на Фејсбук.
Дописникот на МИА од Софија потсетува дека претседателските избори во Бугарија треба да се одржат во октомври или најдоцна на почетокот на ноември годинава. Засега само Румен Радев објави дека ќе се кандидира за втор мандат, а Бугарската социјалистичка партија БСП соопшти дека ќе го поддржи.






