Шефицата на Кабинетот на претседателот на Владата на Бугарија, Лена Бориславова, како што јави дописникот на МИА од Софија, во изјава за Бугарската национална телевизија (БНТ) рекла дека она што бугарската Влада и лично премиерот Кирил Петков би сакале да видат е „некаков доказ дека Република Северна Македонија има сериозен однос кон говорот на омраза и дискриминацијата на бугарското етничко население”.
Според Бориславова, „Бугарија не бара малцинство” во земјава, туку вклучување на Бугарите како државотворен народ во Уставот на Република Македонија, со цел „да ги имаат сите права што ги уживаат и другите народи”.
Таа негира дека Софија е изложена на „силен надворешен притисок” во врска со деблокадата на стартот на преговорите на Македонија со ЕУ, но нагласи дека во Бугарија во моментов има обид за внатрешно-политичка дестабилизација во однос на темата поврзана со земјава.





