Премиерот на Обединетото Кралство Борис Џонсон предложи создавање на нова економска и воена унија како алтернатива на ЕУ.
Тајниот план на Џонсон го објави „Кориере дела сера“, под провокативниот наслов “Тајниот план на Борис Џонсон за одвојување на Украина од Русија и ЕУ: Европски Комонвелт“.
Според извори на италијанскиот весник, британскиот премиер овие планови ги прави повеќе од еден месец. Тој ја претстави својата идеја на украинскиот претседател Володимир Зеленски за прв пат за време на посетата на Киев на 9-ти април.
Новиот тип на Европска заедница ќе го води Велика Британија и ќе ги опфати Украина, Полска, Естонија, Летонија и Литванија, а можеби и Турција во подоцнежна фаза.
Британската иницијатива се потпира на држави кои го бранат својот национален суверенитет, имаат либерални економски ставови и се противат на политиката на Москва.
Раководството во Киев, од своја страна, не зазеде став за британската иницијатива и ниту ја прифати ниту ја отфрли идејата.
Според изданието, Украина може да ја прифати идејата доколку ЕУ не го признае статусот на кандидат за членство во ЕУ за време на самитот на ЕУ на 23 јуни.
Доколку 27-те донесат таква одлука, постојат сериозни стравувања дека ќе предизвика протести од Албанија и северна Македонија, кои со години чекаат да започнат пристапните преговори. Затоа, според некои преговарачи, постои уште една хипотеза: лидерите на земјите од ЕУ да се ограничат на нејасна изјава дека Киев има „европска перспектива“ (т.н. „солунска формула“).
Во тој случај Зеленски посериозно би го сфатил алтернативниот предлог на Борис Џонсон…







