Европската унија ќе ѝ помогне на Украина да извезува жито што е блокирано во поморските пристаништа од руската војска, изјави заменик-претседателот на ЕК и висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, на брифингот по состанокот на Советот на ЕУ на ниво на министри за надворешни работи на ЕУ во Брисел.
Според него, постои акционен план за отворање на таканаречените „зелени коридори“ за Украина.
„Треба да ѝ помогнеме на Украина да продолжи да произведува и извезува жито.
Украинските складишта се полни, но тие не можат да го извезуваат тоа жито. Тие треба да ги ослободат капацитетите за складирање за следната жетва. Затоа работиме да помогнеме во транспортот на жито со воз , преку „солидарност на коридорот“, рече Борел.
Украина не може да извезува земјоделски производи поради фактот што руските воени бродови во Црното Море го блокираат преминот на трговските бродови.
Земјата успеа да извезе над еден милион тони жито во април, додека само околу 200.000 тони беа извезени во март. Пред војната, земјоделците извезуваа околу пет милиони тони месечно.
Блокадата на украинските поморски пристаништа ја загрозува глобалната безбедност… Конкретно, ова веќе доведе до зголемување на цените на храната ширум светот. Експертите предвидуваат и глад во некои делови од светот.







