Борел: Украина сама ќе одлучи дали ќе преговара со Русија или не

На Украина е да одлучи кога да ги започне преговорите со Русија, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел, цитиран од Ројтерс.



Неговите забелешки дојдоа во време на шпекулации дека Западот може да изврши притисок врз Киев да започне разговори со Москва.

„Украина ќе одлучи што да прави. Наша должност е да ги поддржиме“, нагласи првиот дипломат на ЕУ по неговото пристигнување на состанокот на министрите за надворешни работи на блокот во Брисел.

Русија и Украина одржаа неколку рунди разговори во Белорусија и Турција на почетокот на војната, сега при крајот на нејзиниот деветти месец, при што Зеленски постојано повикуваше на лична средба со Путин – нешто што Кремљ го отфрли.

Разговорите заглавија откако последниот состанок на делегациите, одржан во март во Истанбул, не даде резултати.

Сепак, Русија ги обнови повиците за разговори откако почна да губи терен од украинската контраофанзива на исток и југ во септември.

Зеленски ја отфрли можноста за разговори со Путин подоцна истиот месец, откако рускиот лидер незаконски прогласи четири региони на Украина за руска територија.

Украинскиот лидер е категоричен дека условите на Украина за дијалог вклучуваат „враќање на територијалниот интегритет на земјата, компензација за целата воена штета, казна за секој воен злосторник и гаранции дека тоа нема да се повтори.