Борел: Невозможно е да се евакуираат сите соработници на ЕУ од Кабул

Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел оцени дека евакуацијата на сите авганистански соработници на западните држави е „невозможна“ до 31 август, пренесе АФП.



Тој ги обвини САД дека ја отежнале евакуацијата со своите безбедносни мерки на аеродромот во Кабул.

Американската администрација одреди рок до крајот на август за конечно повлекување на американските војници од Авганистан и има намера да повлече повеќе од 30.000 Американци и авганистански цивили.

Според Борел, сепак, ова е математички невозможно. Тој објасни дека проблемот е пристапот до аеродромот.

„Контролата и безбедносните мерки на Американците се многу строги. Ги замоливме да бидат флексибилни. Не сме во можност да ги доведеме нашите соработници таму”, рече тој.

Делегацијата на ЕУ само во Кабул има околу 400 лица авганистански персонал и челнови на нивните семејства.

Иако Брисел даде гаранции дека ќе ги евакуира, досега само 150 од нив стигнале до Шпанија.

Борел објасни дека во Кабул има два аеродроми, но цивилниот е во рацете на Талибанците и од таму нема летови. Американците го контролираат и воениот аеродром.

Доколку Американците заминат, Европејците немаат воен капацитет да се справат со воениот аеродром и неговата безбедност, па Талибанците ќе го преземат, предупреди Борел.

Според него, неопходно е да се водат разговори со Талибанците.(News.bg)