Борел: Блинкен ни кажа, ние не верувавме…

Високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел, призна дека Европа се покажала како лоша во прогнозите. Таа не го предвидела, иако можела да очекува, рускиот напад врз Украина, ниту силата на украинскиот отпор, ниту подготвеноста на Путин да ја ескалира ситуацијата. Таа не го предвидела ни интензитетот на тензијата меѓу Кина и Тајван.



„Во минатото се случуваа работи за кои знаевме дека може да се случат, но некои беа изненадување. Прво – Украина. Не предвидовме колку ефикасно ќе се спротивстави Украина. Не верувавме дека доаѓа војна. Признавам дека Американците во Брисел ни рекоа ‘ќе нападнат, ќе нападнат’, а ние не верувавме во тоа.

Се сеќавам кога Тони Блинкен (државен секретар на САД, ) ми се јави и ми рече: Па, тоа ќе се случи овој викенд. И два дена подоцна, во пет часот наутро, почнаа да го бомбардираат Киев. Не верувавме дека тоа ќе се случи и не предвидувавме дека Украина е подготвена да даде таков жесток и успешен отпор како што прави, се разбира, благодарение на нашата воена поддршка, тоа ќе беше невозможно без неа, но и тие придонесоа многу“, рече Борел.

„Не ја предвидовме можноста ситуацијата да ескалира, дека Путин ќе нареди масовна мобилизација и дека ќе има нуклеарни закани. Претпоставувам дека сите го прочитавте последниот говор на Путин кога ја најави анексијата. Секој мора да го прочита. Мораме да му објасниме на светот што тоа значи, што значи овој пристап против Западот и кои се вистинските причини за војната“.