„Не можеме да го прифатиме оваа омаловажување на нашата борба и не можеме да прифатиме ревизија на општо прифатената оцена за Втората светска војна“, велат од Градскиот одбор на Сојузот на борци – Скопје по интервјуто на премиерот Зоран Заев за бугарската новинска агенција БГНЕС, во кое рече дека во Втората светска војна немало бугарска окупација, туку администрација во Македонија.
„Сојузот на борците од Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија 1941-1945 и членовите продолжувачи е изненаден од неодмерените квалификации на премиерот Зоран Заев, изнесени во интервјуто дадено на бугарски медиум. Како учесници во најсветлиот дострел на вековната борба на македонскиот народ за своја слобода – НОБ, се чувствуваме навредени од омаловажувањето на нашата борба. Погодени сме што со тоа се врши ревизија на општоприфатената оцена од светската историја за Втората светска војна. Очекуваме премиерот да се огради од изнесените свои ставови“, стои во соопштението на Градскиот одбор на Сојуз на борци. РСЕ






