Борбата не заврши – мирнодобски продолжува за зачувување на стекнатата слобода и сопствената држава

О, трајте, трајте, тирани недни!



Доста се тија лаги и злоба –

пакостен глас од устите гадни

врз мојот народ у секоја доба.

Тоа беше првата строфа од песната „Глас од Македонија“ на Коле Неделковски, која, заедно со други песни од стихозбирката „Орлите на Македонија“ на Венко Марковски, одамна, како гимназијалка, ја спремав да ја рецитирам на свечената Академија по повод ослободувањето на Тетово – 19 ноември 1944 година.

Беше неделен, убав ноемвриски ден. Возбудена се надгласував себе во последната проверка не само на текстот, туку и во тонот и начинот на изговарањето на истиот. Со концентрација рецитирав и трчав по чардакот дома, слегувајќи по скалите до дворот и назад.

Тамам го почнав вториот стих: – „Та ете веќ векови цели…“, ме пресече гласот на Татко, кој во појатата го распалуваше огнот под казанот за печење ракија, од комињето кое сладуњаво ќислеше од големата крбла:

– Чукни со ногата, чупо, ко ќе ги кажеш зборовите „тирани недни“…! Еве вака… – и ми покажа како.

На мое изненадување, заедно со силниот топот, го чув, како ја продолжи рецитацијата: – „…за брата вијат кој да го дели, за да му глода сувите коски…“.

– Татко! – му викнав, и со двете раце го поткренав од троножецот на кој си седна за да ја продолжи работата. – Па ти, си ја знаел песнава? Вечер ќе дојдеш со мене заедно да ја рецитираме на Академијата…

– Ќе дојдам чупо… ама, јас ќе ја пејам мојата песна. И запеа: – „Стар бел дедо овци пасе на Пирин планина…“.

Тогаш јас го прекинав него и на цел глас продолжив: – „Стадото му мирно пасе, дедо с’кавал свири: – Де е Гоце, де е Даме, нашите другари…“. – Пеев и топотев со ногата врз земјата, како што ме учеше.

Ечеше комшилукот од мојот глас. Престанав да пеам кога повторно го слушам Татко како ми се придружува: – “…де се нашите комити, знаме да развее….“. – Не доврши. Некој штрек како да го обзеде и го онеме. Гледајќи намерно кон чардакот, со крената рака, ми рече да одам да ја повикам Мајка да ги собере првите капки од првата протока на препеченицата, за да ги испие. – Мисли дека се иљечлии…! – како за себе рече.

Некое време потоа, јас седнав на клупата спроти него и го чекав да се врати, од таму, каде што залута со мислите. Тој молчеше и го празнеше чоканчето Еден момент, ме опули како да проверува дали сум уште тука, за да ми се спротивстави:

– Не се ослободи Тетово на денешен ден… Беше последен ослободен град во Македонија, ама, баљистичките банди на Џемо и Мефаил формирани уште во време на италијанската окупација, продолжија да дејствуваат и по капитулацијата на Италија во септември 1943 година и ослободувањето на градот. Движејќи се несметано по планините Сува Гора и Шар Планина, како и околината на Кичево, вршеа невиден терор врз македонското население, со полна поддршка од месното арнаутско население, а во отсуство на единиците што дотогаш го контролираја тој терен, кои беа испратени на Сремски фронт, Марибор… со одлука на президиумот на АСНОМ.

– Од кај знаеш ти, Татко, кога во тоа време ние бевме во Битола…?

– Токму затоа и знам. Како да не знам? – …Темпо ги повика Костурскиот, Леринскиот и Воденскиот баталјон во Југославија и на 18 ноември 1944 година, во слободна Битола, се формира Првата ударна бригада на Македонците од Грција, наречена – Прва Егејска ударна бригада. Низ улиците на Битола грмна гласот на Егејската бригада и од тогаш нé завикаа Егејци сé до ден – денес.

– Е, од каде па ти ги знаеш овие подробности? – одново побарав одговор.

– Знам! – ми рече. – Брат ти Христо беше партизан во таа бригада. Како дел од Југословенската армија, на 28 декември 1944 година, бригадата беше префрлена на територијата на западна Македонија, со задача да ги прогонува и чисти балистите – бандите на Џемо и Мефаил. Така, во борбите што ги водеа во Кичево, Гостивар и Тетово, бригадата остана во месеците – јануари, февруари и март 1945 година, а потоа беше дислоцирана во Битола и Гевгелија.

Тука Татко застана во зборувањето и беспотребно се зафати да чепка по жарот, а јас, шетајќи околу казанот, се сетив и реков:

– Нас, Татко… како ученици од подолните одделенија, еднаш, не однесоа во Музејот на НОБ, кој тогаш беше сместен во една национализирана куќа, карши – преку река од Горна Чаршија, блиску до џамијата… и големиот јаз, буен од надојдените Шарски води во Пена. Беше поставена изложба на фотографии од борбата за ослободување на Тетово. Јас, уште ја паметам големата фотографија на која Џемо беше на средина и до него повеќемина други, сите поседнати на столови со пушките меѓу колената… а пред нивните нозе, на земјата, десеттина отсечени глави. Фотографијата ја запаметив поради долгите руси, кадрави коси на младиот човек, кои му беа излепени по лицето…. Мислам дека под фотографијата пишуваше дека, злочинот е извршен во селото Беличица – гостиварско, или околината.

Татко, ме сочека да докажам и не покажувајќи никаков интрес за тоа што јас го кажав, влезен во свој филм, продолжи:

– Од Битола и Гевгселија, на остро противење на грчката влада, сметајќи го присуството на бригадата како акт на територијални претензии спрема Грција, со специјална наредба од Тито, од 2 април 1945 година, издадена под притисок на Британската мисија, Првата Егејска ударна бригада беше расформирана. Сите борци беа распоредени по единиците на Титовата армија на НР Македонија и по само неколку месеци… секој ден, натоварени во камиони покриени со церада, беа насилно трнспортирани до границите на Грција и регрутирани во редовите на ДАГ, како борци на веќе неофицијално отпочнатата Граѓанска војна, која, по завршената Втора светска војна се водеше, со план, само на територијата на Егејска Македонија.

– И сестра ти Викторија, која ти не ја познаваш, а јас сум ѝ го заборавил ликот… од школска клупа ја регрутираа… Сега не знам каде е! Некој ми кажа дека за време на Информбирото била во некој логор во Романија… Како дојде до таму, не знам. Знам дека тешко ранета, со десеттици други како неа, три дена чекале влез на Југословенска граница, која пред очи им ја затвори Тито во 1948 година, тогаш, кога му нареди Англија. Тој, истиот, кој преку Колишевски ја организираше и испраќаше младината „долу“. Ете така…. – Облечени во туѓи униформи, со туѓи ознаки на капите – како Еласити… со туѓа заклетва, во туѓа војна… водени од грчки водачи по туѓа стратегија, Македонците ја бакнаа данајската рака и клекнати на колена пред грчката геноцидна политика – како ќори пилци чекаа да бидат нахранети од орелот кој будно ги надлетуваше…

– Што зборуваш така, Таткоо! Во училиште учевме дека тоа беше наша борба… продолжување на Илинден…! И сега професорот Анание ни диригира кога пееме во гимназискиот хор: – “…по планини, гори, по бурите сури нé водеше Темпо, најмилиот брат!“

– Лага е тоа, чупо! Истерани од Грците и тие што им помогнаа, прибрани кој каде, а ние во НР Македонија, свртивме да му веруваме, најмногу, на југословенскиот брат и на тој што го спомна. Тие нé натераа да им веруваме и на нивните идеолошки браќа од КПГ… и така, фрлани – префрлени во нова војна, не можевме да разбереме дека ни се копа гробот, не само на нас Егејците, туку на македонската нација. Фали моментот да не поттурнат во него…

Татко замолче вкочането загледан во рассветнатиот пламен, и кога помислев дека заврши бидејќи подолго молчеше, тој продолжи:

…. И овие… нашите главни водачи на НОФ, не можеа да разберат дека – поразот на Македонецот од било кој крај на етничка Македонија, е пораз на сите Македонци? Втурнати во некаквата социјалистичка револуција на КПГ, срамно е што лажеа дека, борбата е – за самоопределување и обединување на Македонскиот народ. Кога? – По Втората светска војна? Кога беше донесено решението на Јалта, со кое е договорена поделбата на сфери на влијание и – границите да останат со непроменет статус?

Како и да е – Граѓанската војна, не беше наша – Македонска војна. Ниту неа ја бараше Македонецот… ниту ја предизвика… ниту ја водеше, туку… за да биде доископачен од Егејска Македонија, во неа беше насилно втурнат од туѓа рака и слепо вовлечен како сервис за туѓи цели, изманипулиран исто како и во Втората светска војна која само што заврши… втурнат одново во нова војна и одново жртвуван до степен на геноцид.

– Епа Татко…. Војната одамна заврши… Во војна сум родена, не сакам во војна да умрам! – помирително прокоментиав.

– Војната зврши чупо, ама оној ден кога се стекнавме со слободна наша држава, борбата не заврши! Таа мирнодобски продолжува за – зачувување на стекнатата слобода и сопствената држава! – остро ми возврати.

Целата колумна на Јагнула Куновска на следниот линк:

https://plusinfo.mk/orlite-na-makedoni-a/