Ставот на Франција е јасен и не е нов. Истиот став го делат и сите европски институции, а тоа е – безрезервна поддршка за отворање колку што е можно побрзо на претпристапните преговори и за Северна Македонија и за Албанија, изјави денеска францускиот амбасадор во земјава, Сирил Бомгартнер.
Доколку во билатералните разговори меѓу Скопје и Софија се постигне вистински напредок чија што завршница би значело отворање на претпристапните преговори, Франција не само што е подготвена и расположена да го направи тоа за време на своето претседателство, туку ќе ѝ биде и вистинска чест.
„Она што е јасно е што навистина постои нов пристап во преговорите што беше посакувано од двете страни, се води дијалог на највисоко ниво и тој дијалог е интензивен. Во овој момент навистина постои билатерална работа за која што се преговара за конкретни теми. За нас, Франција, земја која што претседава со Советот на ЕУ е многу важно да бидеме редовно и постојано информирани за сите прашања. И токму тоа се случува.
Има постојан дијалог меѓу двата главни града, постојано информирање, особено преку заемните посети на високо ниво. Има совршена координација и меѓу нас Европејците и европските институции“, рече Бомгартнер.
Вели дека француското претседавање со ЕУ го следи ова раздвижување, го охрабрува раздвижувањето и оти се подготвени како француско претседавање со ЕУ во даден момент да ја преземе својата одговорност.
За тоа дали Франција ќе преземе конкретна иницијатива во следните месец два во однос на ова прашање, тој вели оти Франција не е таа којашто ја утврдува агендата.
„Агендата ја утврдуваат двете засегнати земји, односно с. Македонија и Бугарија. И се’ ќе зависи од развојот на настаните особено од развојот на разговорите коишто се спроведуваат во рамки на сите работни групи. Ќе ви кажам дека француското претседателство со ЕУ заедно со европските институции е спремно кога ќе дојде соодветниот момент да се преземат конкретни чекори за да се постигне среќниот крај којшто го посакуваме сите, заклучи Бомгартнер на конференцијата во МНР. Лидер






