“Бомба” на Каменос за договорот со “ФИРОМ”

Договорот за името меѓу Македонија и Грција нема да помине затоа што нема услови за такво нешто во двете земји. Грчкиот министер за одбрана и лидер на десничарската партија Независни Грци, Панос Каменос категоричен дека освен отпорот во грчкото општество, Договорот за промена на името и уставот ќе биде миниран од низа фактори и во нашата земја.



– За овој договор да дојде за ратификација во Парламентот треба да се направат доста чекори. Прво избори во Скопје, затоа што треба да се смени претседателот, да си избере нов претседател, потоа референдум, по референдумот да има мнозинство во собранието, што ќе ги изгласа уставите промени, да се направат уставни промени. Ова според мене ќе трае над две години, рече Каменос.

Тој истакна дека лично не верува дека Албанците би прифатиле да бидат, како што рече, „граѓани на една чиста словенска држава, а вториот аргумент за своето тврдење го наоѓа во категоричниот став на претседателот Иванов кој во никој случај не сака да го стави својот потпис на Договорот. На сето тоа, за грчкиот министер за одбрана поканата за прием во НАТО нема никаква тежина.

– Поканата од НАТО за Скопје беше одобрена на самитот во Вашингтон во 1999-та, за време на владата на Симитис. Поканата, што врз основа на договорот ќе се даде по коминике од Столтенберг, како услови ќе ги стави предвидените процедури, односно, избори, референдум и уставни промени. Односно оваа покана нема да има никаква тежина и нема да промени ништо во однос на она што се случи во Букурешт или во 1999, објасни Каменос.

Тој предупреди дека актуелната грчка влада има рок на траење до септември 2019, и ја повтори неговата позиција дека нема да дозволи Договорот да помине во грчкиот Парламент со 151 глас. Според него, за Договорот ќе мора да гласа зголемено парламентарно мнозинство од 180 пратеници или во спротивно зборот ќе го има грчкиот народ.