Поттикнат од писмо на читател, бугарскиот регионален весник „Струма“ направи репортажа од пиринското село Селиште за бојосана чешма во боите на македонското знаме и декорирана налик на Сонцето од Кутлеш.



„’Дојдете во село Селиште да видите чешма со македонското знаме. Таа е веднаш до втората куќа при влегувањето во селото, а на пластеникот во тој двор цела зима се вееше македонското знаме. Ова е можно овде, но не и во Македонија!’, сигнализира читател во писмото до весникот ‘Струма’ и бара да се отстрани симболот. ‘Да беше ова во Охрид или во Скопје, немаше да трае ни 1 час’, категоричен е тој.

Репортер од „Струма“ излегол на местото и се сретнал со сопственикот на имотот пред кој се наоѓа чешмата – Емил Евтимов.

Емил Евтимов

‘Мојот тест Тодор Ќурчиски пред повеќе години ја направи оваа чешма до неговиот двор, јас само ја бојосувам. Нема врска со ѕвездата од Кутлеш – старото знаме на Македонија, таа е со 16 зраци, а чешмата има 12. Нема врска – тоа што бојата е црвена и тркалото жолто е слично, но за да биде ѕвезда, мора да има 16 зраци – осум главни и уште 8 меѓу нив. Јас само ја одржувам оваа чешма. Можам да ги направам зраците до 16, што има лошо во тоа? Тоа не е свастиката на Германците!’, изјави Емил Евтимов.

На прашањето дали такво нешто би се прифатило мирно во соседната земја, каде што неодамна беа затворени бугарски клубови, тој остро реагираше: ‘Какви бугарски клубови се затворани, тоа се провокации! А што се случува овде, нели е исто? Властите забрануваат да се регистрира македонско малцинство’.

На прашањето дали тенденциозно барал сличност со македонското знаме, тој коментира двосмислено: ‘Импровизирано е, има нотка, различно е, но има ефект. А на 2 август си го ставам македонското знаме на мојот имот, што има лошо во тоа’, реторички прашува Евтимов.

Кметот на селото Георги Анастасов објасни дека чешмата била така бојосана веќе неколку дена. Се вратил од одмор завчера и ја видел пребојосаната чешма.

‘Никој од селото не поднел пријава. Зборував со Емил, ми објасни дека ги обоил краците на количката и бројот на краците не е ист со македонското знаме. Што да правам – да ја турнам ли чешмата? Доаѓа цело село… Не знам по кој закон да го обврзам да ја префарба. А оградите си ги направил во сино, жолто и зелено’, коментира управителот на благоевградското село.

Како контрапункт на чешмата, обоена како реплика на македонското знаме, се големиот број бугарски тробојки кои се веат на куќите во селото Селиште, а управителот е категоричен дека во селото нема тензија на етничка основа“, пишува „Струма“ за „чудото“ во Селиште.