„Ние сме во сферата на интересот на Западот, кој од денот на нашата независност нѐ одржува, не обликува и не дефинира не како што тој сака сосема и докрај, туку така како што ние не сме способни да ги убедиме и во можноста од некои други облици на географско утврдување и некои други дефиниции за историско разбирање.“ – вели македонскиот режисер, продуцент и сценарист Јани Бојаџи во својата колумна со наслов „Кратка хроника на една историја за тоа каде припаѓаме“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
„Основното и најважно барање на Русија во војната во Украина е враќањето на двете големи сили, што се бореа заедно во Втората светска војна, на границите определени со мирот, кој го донесе таа војна. Во најмала рака, по распадот на Советскиот Сојуз, барањето на сегашна Русија е таа да се врати ако не на истите, тогаш барем на приближно истите граници исцртани на денот на капитулацијата на нацистичка Германија во мај 1945 година.
„На која страна од таа определена граница се наоѓаме ние и како сме се нашле таму? Барем тоа би требало секој од нас да го знае, да не зборам за политичарите. Но, тоа не е така, затоа што во Македонија со политика се занимаваат трговци, бакалџии, зарзаватчии, промашени студенти, ојлевци, дојлевци, пикајпрсти и гребидуши, како што ги означи Гане Тодоровски во една песна наречена нашинска.“
„Каде сме ние во ова приказна? Ја гледате ли некаде на мапата на руските земји и земјата Македонија? Не. Мнозина од вас ќе речат, па што сме направиле ние за Русија да нѐ препознае, дали, ние сме се понудиле себеси или дел од нас, за да бараме возврат нешто од неа? Одговорот е, да. Во времето кога руските војски биле само на педесетина километри, распоредени некаде околу тогашна Горна Џумаја, денешен Благоевград, се креваат две востанија, едно во Разловци, а друго во Кресна, со цел да се поттикне ослободување и на Македонија и создавање македонска држава по примерот на другите соседни земји.“
„Умот и силата на тие македонски востанија Димитар Поп Георгиев направил сѐ за да се случи тоа. Примил во востаничките редови руски, козачки атамани, кои управувале со делот од воените единици и правел дипломатски напори за да ја купи руската љубов кон Македонија, според некои кажувања, патувајќи дури и до Одеса за да побара помош од царскиот двор. Востанијата завршуваат во крв, Русија останува во границите на Бугарија не поминувајќи ја реката Струма. Димитар Поп Ѓоргиев, по сѐ што се случило, се врти кон Западот, посебно кон папата во Рим и аристократијата во Лондон од каде што бара црковна закрила и патронство.“
„Русија не е наш непријател, напротив. Од крајот на деветнаесеттиот, па сѐ до Балканските војни, Русија е прибежиште и азил за многу Македонци што се идентификувале како такви. Русија се обидува да дојде до решение за македонското прашање и помеѓу двете светски војни, па тогашната советска Русија преку Комунистичката партија ги поддржува македонските идеи за државност, почнувајќи од Мајскиот манифест на Коминтерната, па сѐ до АСНОМ и асномските одлуки во 1944 година. Најпосле, Русија е првата велесила што во 1992 г. ја призна сувереноста на државата Македонија и на македонскиот народ, пет години пред официјално да го направи тоа Америка.“
„Но, кај сме ние во сите овие руски војни и руски мирови во последните двесте години? Сме биле, сме и ќе останеме на другата страна од реката Струма, во сферите на интересот на европскиот запад, денес олицетворен во западното британско царство Америка. Да си го утврдиме своето постоење западно од Струма и западно од Крим, не затоа што ние така сме сакале, туку затоа што Русија така се спогодила за нас.“
„Ние сме на страната на која од 1853, па сѐ до денес стојат Англија (денес Англоамерика), Германија, Франција и Турција. Ние сме на запад, и тој запад, од денот на нашата независност нѐ одржува, не обликува и не дефинира не како што тој сака сосема и докрај, туку така како што ние не сме способни да ги убедиме и во можноста од некои други облици на географско утврдување и некои други дефиниции за историско разбирање.“
Интернет-врска до целата колумна:





