Без присутво на верници, освен затекнатите по прогласувањето на мерките за изолација, Братството на Бигорскиот манастир и сестринството од манастирот во Рајчица синоќа отслужија богослужби за Велики петок и Велика сабота која ја гледале над 250.000 луѓе низ целиот свет.
Вечерната богослужба со симнувањето на Христа од крстот, полагањето на светата Плаштаница, погребението Христово и полагање на светата Плаштаница во Кувуклијата и оплакувањето на Христа било директно пренесувано на Јутјуб каналот на манастирот и преку профилот Фејсбук.
„2S продукција беше задолжена за преносот во живо, за што многу сме им благодарни, оти прават големо дело за народот кој е во своите домови пред малите екрани. Синоќешниот директен пренос на богослужбата го следеа над 250.000 гледачи од нашата земја, но и од целиот свет.
Според коментарите оставени на нашиот официјален Јутјуб канал, како и на Фејсбук профилот, ова за нив е голема утеха и поткрепа во актуелната ситуација со коринавирусот и мерките за превенција и заштита – вели сестра Ефимија од манастирот во Рајчица.
Додава дека раскошниот цветен епитаф, како гроб во кој лежи Христовото тело, и каде низ стихови се излеваат болката на Богомајката за Своето измачено и умртвено Чедо, не буди тага туку веќе шепоти за воскресната радост.





