Богданов за Фактор: Судот во Стразбур реши да го слушне и мислењето на Врховниот суд пред да одлучува

Костадин Богданов, адвокат, и поранешен владин агент пред Европскиот суд за човекови права во Старзбур, за Фактор попрецизно го објаснува значењето на денешната одлука на Европскиот суд.



„Реално и објективно, Судот во Стразбур нема донесено ништо мериторно, во смисла дали жалбените наводи се прифатливи или не, односно дали има повреда на Конвенцијата за човекови права или не, туку едноставно, остава време да го слушне и мислењето на нашиот Врховен суд, во контекст на предметите и помилувањата, како би можел евентуално подоцна да решава и мериторно. Практично, Судот сега само ја отфрла апликацијата во моментов, бидејќи не се исцрпени сите домашни правни средства“, објаснува Богданов во разговор за Фактор. 

Според него, тоа досега во земјава и не ни можело да се случи, бидејќи тие предмети се уште не се дојдени преед Врховниот суд, па практично судот во Стразбур не би сакал да се истрчува и да носи одлуки додека кај нас највисокиот суд во државата се уште нема кажано ништо. 

„Ова практично значи дека предметите ќе си продолжат пред нашите судови, давајќи му шанса на нашето судство да ги адресира наводите за повреда на Конвенцијата за човекови права и да ја примени директно Конвенцијата, што особено ќе важи кога ќе дојдат предметите пред нашиот Врховен суд“, вели овој правен експерт. 

Или, како што објаснува Богданов, Стразбур ја врати топката на одлучување во државава, со тоа што дава шанса, пред тој да одлучи, да го слушне и мислењето на нашиот Врховен суд. 

Судот во Стразбур одлучи дека апликациите на осудените и обвинетите од предметите што ги отвори СЈО, а кои поранешниот претседател Ѓорге Иванов ги помилува, се недопуштени. Судот смета дека обвинетите и осудените не успеале да ги исцрпат домашните правни лекови. Одлуката е финална, соопшти Европскиот суд. Тоа би значело дека предметите на поранешното СЈО не пропаѓаат и постапките за нив продолжуваат.

Апликациите во Стразбур ги поднесоа дел од поранешните функционери против кои постапки отвори СЈО, a како причина за нив се наведува аболицијата што поранешниот претседател Ѓорге Иванов им ја даде во 2016 година, но по бурните реакции потоа ја повлече.