Бод за Вардар во Норвешка на стартот од Лигата на шампионите

Двократниот европски првак Вардар ја отвори новата сезона во ракометната Лига на шампионите со реми 27:27 против Елверум во Норвешка.



Двете екипи можат да бидат задоволни од поделбата на бодовите, но и да жалат за вториот откако прво гостите од Македонија имаа напад за победа од 34 секунди, но Анте Гаџа биеше покрај голот четири секунди пред крајот, а по истекот на времето Мартин Томовски го одбрани ударот од 9 метри.

„Црвено-црните“ први се заканија за освојување на целиот плен, поведувајќи со 12:8 и 13:9 по 25. минути игра, но и Елверум во почетокот на второто полувреме имаше 16:13, а во завршницата и 27:25.

Томовски е јунакот во вардаровите редови на овој меч, одбранувајќи 14 противнички удари, вклучувајќи и еден седмерец при крајот на средбата, со успешност од 38 проценти.

Одлично деби во дресот на македонскиот шампион имаше францускиот десен бек Кевин Њокас, кој уште во втората половина на првото полувреме нанижа три гола, но и четири асистенции.

Најефикасен во составот на Веселин Вујовиќ беше Жереми Тото до 6 гола од 8 обиди, Јоел Моралес имаше 5/10, а Гаџа 4/6.

Во групата А со победа тргна Кил кај Мешков Брест со 33:30, а Монпелје и Пик Сегед ремизираа 29:29 во Франција.

Во следниот круг на 22 септември од 20:45 часот Вардар во арената „Јане Сандански“ ќе го пречека Мешков Брест.