Бочварски нема став дали е загрозена безбедноста на авиосообраќајот по случувањата во М-НАВ

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски не одговори на прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК дали смета дека е ризично по безбедноста на авиолетовите, директорите во МНАВ да го поништат огласот на кои победија осум најдобри кандидати за почетна школа во Данска за контролори на летање.



Бочварски нема да испрати став, зашто Владата ќе каже генерален став за овој проблем и тој ќе ѝ даде предност, било кажано од неговиот кабинет.

Во Министерството за транспорт и врски години наназад министрите не се мешаат во работата на Македонската навигација (МНАВ), со образложение дека тоа е акционерско друштво, со свој, самостоен буџет. Официјално не се меша Владата во ова владино акционерско друштво, но е главен колач за распределба на ресорите меѓу сите коалициони партнери досега. Преку директорите, односно управниот одбор што ги местат владејачките партии, потоа тие бутаат и размножуваат во ова високобуџетно акционерско друштво, без контрола, измислувајќи разни работни места како советник на советникот и други небулозни звања.

За тоа колку е ненадлежен министерот за транспорт и врски, зборува примерот кога поранешниот министер Антони Пешев во ноември 1993 година, по двете авионски несреќи во Македонија, си поднесе оставка од функцијата.