Министерството за транспорт почна постапка за одземање на лиценцата за работа на превозникот „Беса Транс” по сообраќајката на нивниот автобус во Бугарија во кој загинаа 45 патници, а од досега добиените сознанија превозникот вршел меѓународен превоз, објави вечерва министерот Благој Бочварски.
„Опожареното возило не било пријавено од страна на превозникот согласно член 11 став 5 од Законот за превоз во патен сообраќај и поради тоа возилото го нема во електронската база на податоци на Министерството за транспорт и врски“, потенцираше Бочварски, пренесе Канал 5.
„Во системот на Министерството за транспорт и врски конкретниот превозник е заведен со 4 возила кои поседуваат лиценца за превоз. Според член 11 став 1 од Законот за превоз во патниот сообраќај, превозникот може да започне да врши превоз на патници во внатрешени и меѓународен патен сообраќај, откако ќе добие лиценца и извод од лиценца за моторно возило.
По добиените информации од Министерството за внатрешни работи за опожареното возило, констатиравме дека истото не било пријавено од страна на превозникот согласно член 11 став 5 од Законот за превоз во патен сообраќај и поради тоа возилото го нема во електронската база на податоци на Министерството за транспорт и врски, рече Бочварски.







