Боцевски: „Време е да се утврдат темелите на македонската државност и со консензуална Влада на сите партии да се тргне напред“


„Кој треба да биде македонскиот одговор кон војната во Украина? Токму сега е моментот за создавање севкупна и консензуална влада, со директно учество и со сериозна одговорност и за лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса на Албанците, БЕСА и Левица.“ – вели Ивица Боцевски во својата анализа со наслов „ Кога зборува оружјето…“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Боцевски пишува: „Ќе биде огромна грешка, ако при свикувањето на Советот за безбедност претседателот Пендаровски не ги повика и Христијан Мицкоски и Зијадин Села, лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на Алијанса на Албанците, со цел и тие да бидат информирани за развојот на настаните и за одговорот на македонските институции на кризата. Претседателот потоа треба да ги брифира и Биљал Касами и Димитар Апасиев, лидерите на БЕСА и на Левица, за да бидат вклучени сите позначајни политички сили во Македонија во македонското справување со последиците од надоаѓачките глобални промени.“

„Државите што ќе ја постигнат внатрешната хомогенизација ќе зачекорат подготвени во следната етапа на светската историја. Од овие причини токму сега е моментот за создавање севкупна и консензуална влада, со директно учество и со сериозна одговорност и за лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса на Албанците, БЕСА и Левица. Само на тој начин целокупниот политички талент во Македонија ќе биде вклучен во справување со последиците од кризата и сета политичка енергија ќе се троши во државни цели.“

„Нужно е веднаш да сопрат штетните и еднострани преговори со Бугарија околу нивното вето за македонскиот датум, но и да престане срамната дискриминација и исклучување од политичкиот и од институционалниот живот на Македонците, што се противат на Преспанскиот договор. Македонија мора заеднички да зачекори во темнината и солидарно да го издржи налетот на ветриштата на историја, па така полесно и ќе исчекори во нормалноста кога воениот виор ќе запре и кога светот повторно ќе се врати на масата за преговори.“

„Продолжувањето и заострувањето на клучните судири во македонското општество е само пат кон пеколот и губење драгоцено време. Можеби другите развиени држави можат да ја остварат претстојната хомогенизација и без севкупни коалиции, но не и Македонија. Нашето општество е доволно разјадено од корупцијата што го поткопа самиот темел на македонската државност, од меѓуетничките тензии што го напрегнуваат македонското општество, но и од штетните договори од најсовремената историја, посебно Преспанскиот договор, изворот на сето зло, но и безумното преговарање со Бугарија за идентитетот.“

„Воената интервенција на Русија во Украина го освести светот дека не смее да се запостават и да се запустат клучните државни институции, оние што му овозможуваат водење војна, односно војската, полицијата, разузнавањето и дипломатијата, вклучувајќи го и финансискиот сектор, клучните индустриски гранки и земјоделството. Време е Македонија да ги утврди овие фундаменти на македонската државност, да ја научи лекцијата од најголемиот воен судир на европска почва по Втората светска војна, па заеднички да зачекори во неизвесната иднина, предводена од севкупна владина коалиција на сите политички сили во земјата.“

Интернет – врска до целата анализа:



https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/kolumni/koga-zboruva-oruzhjeto/