Боцевски: Владата треба врз аргументи да бара помош од ЕУ-компензациските фондови за штетите од санкциите кон Русија

„Поради војната во Украина, Европската Унија предвиде голем финансиски пакет, преку кој ќе ја надомести штетата што ќе ја претрпат земјите-членки и кандидатките за членство. Македонија, која целосно се придржува кон политиките на ЕУ, исто така трпи огромни последици врз својата економија. Поради тоа, сѐ погласни се апелите на експертската јавност и Македонија да биде вклучена во компензациските фондови на Унијата. Пакетот на финансиска поддршка се проценува на повеќе од 1,2 милијарди евра и постојано ќе се зголемува.“ – вели Сашо Таневски во својата анализа со наслов „Ќе влезе ли Македонија во компензациските фондови на ЕУ?“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Таневски пишува: „Македонија се придружи кон санкциите што Европската Унија ѝ ги воведе на Русија поради војната во Украина, со што уште еднаш потврди дека во целост ја има усогласено надворешната политика со онаа на Унијата, иако економските штети што почнува да ги трпи веќе резултираат со нови задолжувања, кои ја водат државата кон критичното ниво на задолженост. Во таа насока, за спас на економијата и животниот стандард на граѓаните се и последните иницијативи земјава да се обрати до ЕУ и да побара и Македонија да биде вклучена во делот на компензациите што земјите-членки на Унијата ќе ги добијат од европските фондови заради санкциите што ги вовеле кон Русија.“

„Поранешниот вицепремиер за европски прашања и амбасадор Ивица Боцевски смета дека Македонија треба пред ЕУ аргументирано да ги изнесе сите области во кои трпи директни штети од санкциите. ‘Треба да бидеме јасни пред Брисел, да кажеме дека ги трпиме последиците и пред ЕУ да ставиме еден вид преглед, кој дел од нашата трговска размена е директно погоден, што значи ситуацијата со енергијата за нас и кој удар го имаме околу тоа. Треба да се настапи со бројки и да се замоли ЕУ во сите европски политики што ќе бидат за справување со кризата, земјите-кандидати да бидат третирани како земјите-членки. – вели Боцевски.“

„Ако веќе сме ја усогласиле надворешната политика со ЕУ, тогаш и Брисел треба да покаже фер однос и да ја вклучи Македонија во тие фондови од кои ќе се помагаат економиите на земјите-членки. Но конкретната работа треба да ја направи нашата влада и да си ја заврши домашната задача, односно да излезе со конкретните бројки пред сојузниците околу целата таа работа. Важно е ние навреме да влеземе во купот кога ЕУ ќе решава за справување со кризата.’ – истакнува Боцевски, притоа изразувајќи загриженост дека кризата ќе предизвика уште поголема задолженост на државата.

Интернет-врска до целата анализа:



https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/kje-vleze-li-makedonija-vo-kompenzaciskite-fondovi-na-eu/