Боцевски: „Страшливците ќе се обидат да го протнат предлогот во Собранието, но не прифаќаме никаква промена на Уставот!“

„Сега овие арамии и страшливци ќе се обидат да го поминат овој документ во Собранието. Со денови многумина прашуваат: ‘Што ќе правиме, ако ја усвојат преговарачката рамка во Собранието?’. Не прифаќаме промена на Уставот по ниту една линија! Не прифаќаме промена на Уставот под бугарски диктат и присила! Не прифаќаме промена на Уставот како услов за почеток на преговорите со Европската Унија! Ставаме точка на сите македонски понижувања! Оваа 2022-ра ќе ја помниме како година кога Македонците ја започнаа последната борба за своја национална и социјална слобода, последната борба за својот јазик, историја и култура. Во јули 2022 година македонскиот народ се излеа на улиците за повторно да си ја врати сопствената држава!“– нагласува поранешниот македонски вицепремиер за евроинтеграции Ивица Боцевски во својот текст со наслов „Три знамиња, а една приказна, една историја, една нација, таа нашата – македонската, АСНОМ живее!“, која ја објави весникот „Нова Македонија“. Текстот претставува извадоци од говорот на авторот на шестата вечер на протестите ‘Ултиматум – Не, благодарам“.



Покрај другото, Боцевски вели: „Тие имаат чудовишни намери. Сакаат Македонците да се откажат од себе со свој печат, со свое одобрение, со свои одлуки. Токму таква одлука е оваа преговарачка рамка, предложена со договорот Ковачевски – Петков, погрешно наречена ‘француски предлог’. Тоа не е документ за почеток на преговорите, не е документ каде што ‘имаме чист македонски јазик’. Тоа не е документ, што го штити македонскиот идентитет. Преговарачката рамка е вовед во ужас без крај, вовед во вечно тормозење и измачување на македонскиот народ, почеток на бугаризацијата преку европеизацијата.“

„Зошто веќе шести ден упорно протестираме за одбрана на нашата држава, одбрана на нашиот народ, одбрана на нашиот јазик, идентитет, култура и историја? Во дваесет и првиот век, во 2022 година, на македонскиот народ му е ускратено правото на сопствена држава, на сопствено национално име и на сопствена култура. Нас, Македонците, сакаат да нè одродат, да нè укинат, да нè поништат, да нè избришат од картата на светските народи.“

„Со денови протестираме и ќе продолжиме да протестираме! Не му дозволуваме никому во наше име да нè брише, да нè ништи, да нè толчи. Нам, Македонците, отпорот и пркосот ни се во крвтa. За оваа наша Македонија сме се бореле со векови, сме крвавеле со генерации, сме ја сонувале со децении. И сме се избориле. Знаеле туѓинците да нè поробат, но ниту еднаш не успеале да нè покорат.“

„Овие протести покажуваат дека Македонија си се враќа на своите врвици. Македонците се најприсутни кога сметаат дека ги искорениле засекогаш. Веќе шести ден гледаме, на нашиот сенароден протест, дека нам Македонците никој ништо не ни може кога маршираме во една колона. Маршираме под една колона, заедно и обединети! Се обидоа да нѐ скршат… Ни уфрлија насилници со качулки, ни извадија пиштолџии и сакаа да предизвикаат меѓуетнички судир, сакаа крв и мртви. Но, не нè скршија.“