Боцевски: Странските изборни советодавци без никакви познавања на Македонија ќе ја наплатат добро глупавоста на СДСМ

„Каква е улогата на странските изборни консултанти во домашната политика? Никогаш не сум можел да го разберам прескапото ангажирање консултанти од странство во македонската политика. За да се води кампања во една земја потребно е прво совршено познавање на тамошниот актуелен политички момент, со сите негови суптилности и најситни детали.“ – вели поранешниот вицепремиер за евроинтеграции Ивица Боцевски во својата колумна со наслов „Странските изборни консултанти и домашната политичка глупост “, која ја објави весникот „Скопско ехо“.



Не e можно водење кампања без блискост со кандидатот и со нејзината, или неговата политичка партија: тоа се стекнува исклучиво со години вложени во изградба на таков заемен однос. Културата на една држава си е секогаш појава за себе, а политиката извира од културниот образец на еден народ, посебно јазикот, кој е најненадминлива пречка за политичките консултанти од странство.

На приказните за туѓинските консултанти ме наврати неделава лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски со неговата изјава дека „на изборите во 2024 едниот блок ќе биде за да стане Македонија членка на ЕУ а вториот блок ќе гледа повеќе на Истокот отколку на Западот”. Единствено некој странец, кој што нема никаква врска со Македонија, би можел да смисли олку промашена стратегија за СДСМ (и за ДУИ).

Прашањето каде припаѓа Македонија тука е решено уште во 1989 кога последното еднопартиско собрание донесе резолуција за влез во тогашната Европска Економска Заедница, а првото демократско собрание ја потврди таа насока со едногласните резолуции за влез во ЕУ и во НАТО. Но, тоа не може да го знае некој странски изборен консултант, катапултиран во Македонија пред некој ден и со никакво познавање на земјата, а ниту со желба да ја запознае. Сепак, ќе ја наплатат добро глупавоста на СДСМ.