(..)
„Европската политичка унија“ на Емануел Макрон и „европската геополитичка заедница“ на Шарл Мишел значат само едно – европската интеграција е мртва! Западен Балкан и другите набројани земји може само да се надеваат дека ќе бидат земји на периферијата на Европската Унија, без право на рамноправно учество во европскиот проект. Не постои факт што е повеќе поразителен од ова сознание, пишува амбесадорот и аналитичар Ивица Боцевски во колумна за Нова Македонија.
Боцевски вели дека „наедно, и нам веќе треба да ни биде јасно… Зад бугарското вето стојат интереси на далеку покрупни геополитички играчи.
Доколку постои интерес Европската Унија да се прошири со земјите од Западен Балкан, тогаш Бугарија нема моќ да ја сопре таа одлука и веднаш ќе биде дисциплинирана, исто онака како и Словенија кога се обиде да ја блокира европската интеграција на Хрватска. Очигледно е дека и зад Бугарија се кријат далеку поголеми сили, нивни интереси и игри.
За жал, македонската влада е парализирана.
Тие не се играчи, туку се само кукли во туѓ куклен театар, немаат никаква иницијативност и креативност, но и никаква желба да исчекорат. Сега е потребно балканско обединување и заеднички настап на Македонија, Србија, Албанија, Црна Гора, Босна и Косово пред Брисел, одлучна порака дека не доаѓа предвид ваков развој на настаните и јасно одбивање нашите земји да станат вечна европска периферија и квазиколонии. Или ќе влеземе во Европската Унија како рамноправни земји-членки или конечно да паднат маските, па да ни се каже дека таму не сме посакувани. Ваков потег е можен само од влада со полн демократски капацитет и со јасен народен легитимитет, исто онаков каков што го имаат српскиот претседател Вучиќ и албанскиот премиер Рама, а за тоа ни се неопходни итни нови избори.
Европската интеграција е мртва! Само одлучен балкански одговор може да ја врати во живот, а за тоа се потребни храбри одлуки од демократски избрани лидери“ вели Боцевски.






