Боцевски: „Ахмети и ДУИ ќе интервенираат во Уставот по логиката ‘колку Македонија е послаба, толку е поизвесна Велика Албанија“

„Овој попис може да се оцени единствено како обид на Али Ахмети и на ДУИ за натамошно поткопување на Македонија, замислена како граѓанска држава.“ – вели Ивица Боцевски во својата колумна со наслов „Пописот е ‘Пирова победа на етношовинизмот“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Боцевски пишува: „Во почетокот се појави дилемата како да се дефинира идната самостојна Македонија. Приврзаниците на идејата земјата да се дефинира како национална држава на македонскиот народ ги истакнуваа непобитните факти дека Македонија израснува низ долговековната борба на македонскиот народ за национална слобода и за сопствена држава. Постоеше и едно гледиште за признавање државотворен статус на албанскиот народ во земјата.“

„За протагонистите на ова решение тоа значеше брана од мајоризација, но противниците тука гледаа порив за федерализам и сецесионизам, затоа што државотворните народи имаат право на самоопределување. Во 1998 година се појави УЧК, која објави борба за ‘обединување на албанските земји’ и нивно ‘ослободување од словенските окупатори’. Воениот конфликт во 2001 година заврши со уставно редефинирање на македонската држава, а Охридскиот договор може да се толкува и граѓански и федералистички.“

„Федералистичкото толкување тврди дека етникумот, претставен од ‘етничкиот победник’, ги застапува граѓаните од сопствениот етнос пред институциите на државата. Стравот е дека федералистичкото толкување на Охридскиот рамковен договор води кон претворање на Македонија од ‘нетериторијална федерација на етнички заедници’ во ‘територијализирана федерација на етнички кантони’.“

„Веќе нема дилеми дека Али Ахмети и ДУИ се застапници на ова федералистичко толкување, па легитимни се стравовите на Македонците и на другите заедници од сецесија. Целокупната политичка активност на ДУИ и на Али Ахмети води кон целосно елиминирање на идејата за дефинирање на Република Македонија како граѓанска држава. Ахмети го гради својот политички лик како етнарх, ‘победник на Македонците во војната од 2001 година’ и ‘татко на албанската нација во Македонија’. Ваквата политичка активност ги загрозува мирот, стабилноста и меѓуетничките односи во земјата.“

„Постојат дури и мислења дека Али Ахмети ги користи немоќта на СДСМ и целосното отсуство на стратегиска промисла на актуелното раководство на таа партија, за целосно да го обесмисли самото постоење на македонската држава, следејќи ја логиката дека ‘колку Македонија е послаба, толку голема етничка Албанија е поизвесна’. Тој не прави ништо, за да им излезе во пресрет на овие легитимни стравови на Македонците, кои се мнозински народ во Македонија и кои немаат ниту една друга матична држава.“

„Една таква алатка е и актуелниот попис. Али Ахмети и ДУИ ги искористија овие нецелосни бројки, и внатре во земјата (повеќе од 130 илјади неизјаснети граѓани) и надвор од земјата (околу половина милион неизјаснети иселеници) за етнички триумфализам и ново прогласување победа над Македонците. Тоа е чин, кој никому не му чини добро. Пописот е само една ‘Пирова победа’ на Али Ахмети и на ДУИ. Тие сакаат да го искористат пописот како преттекст за нови федералистички, или конфедералистички интервенции во Уставот.“

„Со етнички триумфализам не се води искрен разговор. Клучно прашање е: како да ја дефинираме Македонија, национално, граѓански или бинационално, како да ги елиминираме сите стравови на Македонците од губење на сопствената држава или сецесија, но и стравовите на Албанците од мајоризација? Али Ахмети, оставете им ги веселите математики на децата од градинките и да седнеме сериозно да се договориме за иднината и за одржливоста на нашата Македонија.“ – заклучува Ивица Боцевски во својата колумна.

Интернет-врска до целата колумна:



https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/kolumni/popis-pirova-pobeda-na-etnoshovinizmot/