Боцевски: РМ не e колонија, поништувањето на договорот со „Бехтел-Енка“ е чин на уставен патриотизам и народен суверенитет

 „Македонија не е село без кучиња, не е ничија колонија и ничија сопственост, туку  современа европска земја, со народ што си го брани сопствениот суверенитет и што избрал демократски да биде владеан. Поништувањето на договорот со ‘Бехтел и Енка’ ја враќа Македонија на демократската врвица, ги крши прангите на заробената држава и го отвора патот кон европската интеграција. Отпорот против веќе злогласниот договор со конзорциумот ‘Бехтел и Енка’ е врвен чин на уставен патриотизам, борба за демократија и порив за народен суверенитет.“ – вели поранешниот вицепремиер за евроинтеграции  Ивица Боцевски во својата колумна со наслов „северна…’ – заробена држава, дадена под концесија на приватен меѓународен конзорциум“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.



Боцевски пишува: Време е Македонија да стави точка на „смутните времиња“, на авантурите на Зоран Заев и неговите соработници, па да си ги врати уставниот поредок, демократијата и народниот суверенитет. Една од клучните разлики меѓу една држава и една колонија, мандатна територија, протекторат или друга форма на окупирана, колонизирана и потчинета целина е токму можноста за самостојно уредување на сопственото живеење, односно независно донесување на Уставот, законите и на сите други правни норми.

Самостојните држави самите ја определуваат регулаторната рамка за општеството, а кај вазалите „газдата“ одлучува кои норми ќе важат. Притоа, се случува и освојувачите да се одлучат целосно да ја игнорираат културата на еден народ, па да наметнат сопствено право, поточно неправо. Одбраната на уставниот и на законскиот поредок е и одбрана на суверенитетот, на демократијата и на изборените човекови права и слободи. Во Македонија посегнувањето кон уставниот поредок не започна со лошиот договор за изградба на автопатиштата со конзорциумот од „Бехтел“ и „Енка“ туку нешто порано.

Зоран Заев не криеше дека со усвојувањето на Преспанскиот договор и со востоличувањето на „Северна…“ требаше да се погребат Македонија и македонската нација, а на нејзиното место да израсне неговиот „мултиетнички народ“. Целокупната легитимација на проектот „Преспански договор“ беше бришењето на автентичната и самоникната култура на македонскиот народ, во сите нејзини појавни облици, вклучувајќи го и уставниот и правен поредок, па потоа да уследи создавање некаква експериментална нова култура на „мултиетничкиот народ“ на македонските простори.

Од тие причини се спореше македонската историја, се укинуваше правото на македонските археолози да го проучуваат културното наследство, на македонските фолклористи да собираат етнички белези од целиот простор каде што отсекогаш живееле Македонци како домородно население, а и на македонските историчари автономно да ја пишуваат историјата на македонскиот народ.

Меѓу другото, се доведуваа под прашалник и националните симболи, а се појде и кон исмевање и искривоколчување на националните митови, составен симбол на националната приказна на една нација. Оние што тврдеа дека се борат да ја ослободат Македонија, само ја претворија во заробена држава, а Македонците во закрепостени слуги на еден конзорциум… логичен крај на една „шарена лага“.

Една површна анализа на досегашните извадоци од договорот меѓу Владата и конзорциумот „Бехтел“ и „Енка“, исто така, укажува кои биле изворите и моделите според кои се изработувало ова правно чудовиште. Навидум се чини дека станува збор за архаични договори, од англосаксонскиот правен свет, склопувани помеѓу мултинационални корпорации и вазални власти (колонијални, неоколонијални, окупирани и слично). На врвот на белиот европски хегемонизам (кои ги вклучува и државите доминирани од европските доселеници) се случувало да биде избришан правниот поредок на некоја освоена земја, па таму наметнатите власти (вазални или колонијални) да создаваат некој нов правен поредок.

Притоа се јавувал проблем, затоа што цели правни области биле неуредени нормативно и мултинационалните компании имале проблем како да функционираат во такви ситуации. Одговорот бил „пронајден“ со изработка и потпишување на ваков тип договори, каде што ентитетот и корпорацијата создавале сосема ново право, со цел да се уреди дејствувањето на компанијата (конзорциум во нашиот случај) во таа територија.

Корпорациите имале намера да применат правни норми од нивните домашни законодавства што ги штитат, но и да измислат регулатива што озаконува експлоатација на ресурсите на ентитетот, па дури и овозможува „увоз“ на работна рака од други краишта на светот. Денешниот етнички мозаик на многу катчиња низ светот се своевиден жив паметник за ваквиот тип „правни договори“, како на Карибите, во Африка или во Југоисточна Азија.

Да се биде уставен патриот значи да се бранат демократскиот поредок, сеопфатното граѓанство, човековите слободи и права, како и да се оневозможи повампирување на сеништата од минатото и сите форми на дискриминација. Отпорот против неуставниот и незаконски договор со конзорциумот „Бехтел“ и „Енка“ е школски пример за уставен патриотизам.

Овој правен монструм не само што ги поништува политичките, економските, социјалните, еколошките и другите човекови слободи и права гарантирани со македонскиот устав, туку и сите меѓународни и европски конвенции, пактови и декларации за човекови слободи и права што се веќе потпишани, усвоени спроведени во македонското законодавство. Воопшто не треба ни да се расправа за искористувањето на природните ресурси, или за необјаснивиот однос кон македонското културно наследство. Борбата за поништување договор, што ги ништи уставно загарантираните слободи и права на македонските граѓани, е врвен чин на патриотизам.

Во текот на вчерашниот ден перверзијата на македонскиот уставен и правен поредок достигна нови и досега невидени размери. „Првиот“ вицепремиер на Владата, Артан Груби, најави дека под „европско знаменце“ ќе влезеле во собраниска процедура „законите“ со кои се суспендираат македонското законодавство и човековите права и слободи на македонските граѓани.

Во македонскиот правен поредок одамна се целосно префрлени  клучните делови на законодавството на Европската Унија (збирката закони на ЕУ, односно acquis), посебно во делот на јавните договори, јавните набавки, работното законодавство, замислувањето, подготовката и изведбата на националните мегапроекти и така натаму.

Со овој предлог на Артан Груби ќе се доведеме во надреална состојба каде што под знамето на Европската Унија, под дванаесетте златни ѕвезди на сина подлога, ќе се суспендира европското право!?! Вакво правно силеџиство е незапаметено во современата македонска историја, а тешко да се најде и соодветен пример на почвата на Европа.

Епохата на колонијализмот и на империјализмот одамна заврши. На буништето на историјата завршија и белите раџи и махараџи, британската источноиндиска компанија, англо-персиската нафтна компанија и другите симболи на самоволното и неправедно владеење на една компанија врз цел еден народ, негова експлоатација и злоупотреба на неговите ресурси за богатење на некои личности што никогаш и нема да запаметат каде била пљачката.