Боцевски: „Пред Владата во 7, во отпор за слобода и одбрана на македонскиот идентитет! – Таа ја предаде РМ!“

„Далеку зад очите на јавноста, со целосно игнорирање на Собранието, со лажење и манипулирање, Владата на Ковачевски, под дипломатската палка на Маричиќ и на Османи, ја одведе Македонија во бездна, подлабока од Лисабонската декларација од 1992 година. Разградени се и оние ‘остатоци од остатоците’ на илинденска и асномска Македонија што преостанаа по црниот Преспански договор. Македонија е обесмислена како држава и разбиен е целиот македонски национален наратив, сврзувачкото ткиво на македонскиот народ и на македонската држава. Нужно е обединување на целиот отпор и насочување кон одбрана на Македонија.“ – вели Ивица Боцевски во својата колумна со наслов „Се гледаме во седум навечер пред Владата…“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Бпцевски пишува: „Постои ли излезна стратегија за Македонија по дипломатското фијаско во Брисел и по претставувањето на предлогот Ковачевски – Петков? Македонската влада дрско лажела. За цело време на француското претседателство течел преговарачки процес меѓу Скопје и Софија исклучиво за идентитетските прашања и за македонско приспособување кон неславната декларација на бугарското собрание.“

„Владата преговарала, за да се дојде до строго дозирана бугаризација на македонскиот народ, со постепено укинување на сите негови идентитетски одредници, започнувајќи со бришењето на националната историја од учебниците за основно и средно образование, преку целосно преобликување на јавниот простор и на националните обележја, па заклучно со прифаќање дека македонскиот јазик е само една појавна форма на заедничкиот, или општиот бугарски јазик.“

„Тоа е суштината на преговарачката рамка што ја усогласила владата предводена од премиерот Димитар Ковачевски, а со непосредно учество на министерот за надворешни работи Бујар Османи и на вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ. Покрај преговарачката рамка, оваа ‘дипломатска тројка’ го усогласила и првиот од серијата протоколи помеѓу македонската и бугарската влада, со кој веднаш ‘јуначки’ се поаѓа во разградување на македонската нација и нејзина бугаризација, во името на европската иднина.“

„Димитар Ковачевски појде во Брисел, за да се согласи со преговарачката рамка и ‘свечено’ да ги почне преговорите меѓу „северна…“ и Европската Унија, со целосно прифаќање на бугарските позиции, преточени во преговарачката рамка. Блескавиот спектакл на честитки од европските лидери требаше да биде покритие пред домашната јавност и замолчување на опозицијата и на сомничавата јавност. Политичката криза во Бугарија им оневозможи да го направат последниот чекор. Тие пресериозно ги нарушија позициите на Македонија.“

„Вчера бугарското Собрание го усвои предлогот Ковачевски – Петков, а со тоа и преговарачката рамка за Македонија, која во себе ја содржи декларацијата на бугарското собрание. Иако со месеци Заев, Ковачевски, Османи и Маричиќ нè убедуваа дека Бугарија е изолирана во Европската Унија, бугарските услови станаа европски услови и ‘бугаризација преку европеизација’ стана политика на Брисел кон Македонија. Бугарите нема никогаш да отстапат од оваа освоена позиција, која им го овозможи преговарачкиот процес на владата на Ковачевски.“

„Македонија е дестабилизирана и никогаш не била во полоша состојба по нејзиното основање на 2 август 1944 година. Јавноста се наоѓа во кома, шокирана од големината на најновото национално предавство. Граѓаните сега очекуваат да биде кренат повторно знамето на националната борба за слобода, за одбрана на македонскиот идентитет и зачувување на интегритетот на македонската држава.“

„Ве повикувам сите, независно од вашата етничка припадност, од вашите политички стојалишта и филозофски гледишта, да се собираме секоја вечер пред Владата на Република Македонија, во 19 часот, да ги искажуваме нашиот револт и несогласување со погубните национални политики, за да ја одбраниме нашата украдена татковина Македонија.. Секојдневно да го претвораме просторот пред Илинденска б.б. во нов ‘Плоштад на Слободна Македонија’.“