„Се разбудија ли македонските интелектуалци? Доаѓаат точки во историјата на еден народ кога е нужно повторно да се изложат на критика и беспоштедна дебата сите столбови на кои почива заедницата, со цел повторно да се постигне оној неопходен основен консензус на кој се темели секоја нација. Токму затоа последнава година ќе остане запаметена и по тоа што повторно оживеа интелектуалната дебата во Македонија.“ – вели поранешниот потпретседател на Владата на Македонија, амбасадор и сега политички аналитичар Ивица Боцевски во својата колумна со наслов „Враќање кон Македонија“, која ја објави весникот „Нова македонија“.
Боцевски пишува: „Сè започна со Промеморијата за државноста и за идентитетот на МАНУ од 15 ноември 2020 година, кога врвната македонска научна институција го крена својот глас против обезличувањето на македонската држава и чудовишните оспорувања на самобитноста на македонскиот народ. Веднаш потоа се појави и Македонскиот манифест на клучните македонски научни, културни и духовни установи, МАНУ, УКИМ и МПЦ. Тие потсетија на сознанијата на македонските општествени, хуманистички и културолошки науки, посебно во однос на македонскиот јазик и на посебноста на македонскиот идентитет.“
„Македонските интелектуалци веќе не се чувствуваат како изгубени гласови во една бескрајна пустина, туку како дел од еден нужен процес за обнова на македонската државност, преобмислување на македонската демократија и вдахнувањето нов живот на македонскиот идентитет. Најдобрата одбрана против одмакедончувањето доаѓа токму во овие моменти кога македонската државност е најзагрозена.“
„Редно време е сега полека да се кристализира дебатата и за другите критични точки поврзани со македонската државност и самобитноста на македонскиот народ, започнувајќи од внатрешните меѓуетнички односи. Но, македонската јавност немо ги проследува и шовинистичките изблици на одредени етнички главешини во државата, кои внесуваат немир помеѓу граѓаните и ги будат духовите на етничките конфликти. Шовинизмот треба да се нарече со вистинското име, да се посочи, да се осуди и потоа да се победи низ една демократска дебата. Будењето на македонската интелигенција значи и дека конечно ќе може повторно да се помакедончи нашата внатрешна дебата.“
„Прво е клучно повторно да се постигне основниот национален консензус и заедницата да се обедини околу обновата на македонската државност, одбраната на македонскиот идентитет и продолжувањето на македонската демократизација. Настаните од изминатите критични години ја разнишаа довербата на нацијата. Македонската интелигенција, со обновата на дебатата, покажа дека Македонија сè уште не го кажала својот последен збор.“
„Посакувам интелектуалната дебата во следната две илјади дваесет и втора година да биде уште пожестока и Македонија повторно да се врати на врвицата на демократизацијата, на грижливото негување на македонската државност и на давањето нови содржини на македонскиот идентитет.“ – заклучува Боцевски во својата колумна.
Интернет – врска до целата колумна:
https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/kolumni/vrakjanje-kon-makedonija/





