Боцевски: На изборите СДСМ ќе го стигне сурова одмазда за авантурите со идентитетот и државата, за уривањето на институциите и корупцијата!

„На следните избори СДСМ ќе го стигне казна за целиот период од 2017 година до денес, за сите изневерени очекувања и разбудени надежи. Особено сурова ќе биде одмаздата на избирачите за авантурите со најдлабоките идентитетски и државни прашања, но секако ќе го оценат и ова разурнување на сите административни капацитети на институциите, откажувањето од управувањето со државата и досега незапаметените случаи со корупција, непотизам и лошо владеење.“ – вели политичкиот аналитичар и поранешен вицепремиер за евроинтеграции Ивица Боцевски, во својата колумна со наслов „Следните парламентарни избори фрагментација, или консолидација околу опозицискиот стожер“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.



Покрај другото, Боцевски пишува: Дали следува фрагментација на македонската партиска сцена или целокупното опозициско расположение ќе се слее во стожерната опозициска партија? Фрагментацијата на македонската партиска сцена воопшто не е нова. Македонија досега имала само две стожерни партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, кои произведувале премиери и биле потпорни столбови на владините коалиции.

Засега е извесно дека ВМРО-ДПМНЕ останува стожер на идната владина коалиција, но клучното прашање на кое ќе одговорат избирачите на следните избори е: дали Македонија се движи кон фрагментација, или кон консолидација околу стожерот?

Антикорупциската агенда, еколошките теми, стремежот за подобри јавни добра и услуги, исцртуваат побарувачка за поинакви политички партии и движења. Прашање е колку актуелното ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, АА, Беса, Левица успеваат да го препознаат моментот и да се преобразат во согласност со духот на новото време. Досегашната глобална историја на демократијата покажува дека избирачите имаат кратко трпение. Многу е краток патот од доминантна и непобедлива политичка сила до музејски експонат, или политички крш одложен на буништето на историјата.